Покрај натпреварот помеѓу екипите на РК Вардар Јуниор и РК Прилеп, во рамките на 5-тото коло од Супер лигата ќе се сретнат и РК Тинекс Пролет и РК Металург 2. Овој натпревар ќе се одигра денес со почеток во 19 часот, а улогата на домаќин ја има РК Тинекс Пролет. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала ,,Македонско Сонце“.
Ова е шанса за екипата на Тинекс Пролет да ги поправи сите оние грешки и лоши изданија од минатите кола и да си ја врати самодовербата, а пак за младиот тим на Металург 2 ова е шанса за прва значајна победа.
Младиот ракометар на Металург 2, Марио Танкоски, за сајтот на МакРакомет, ги изнесе своите очекувања.
„Натпреварот со Тинекс Пролет го гледаме како шанса за прва победа, после онаа која ја пропуштвме во Велес. Ние сме млад и перспективен тим, па во натпреварот ќе влеземе со голема желба за победа, без респект, иако екипата на Пролет беше четвртта минатата сезона. Со наша тимска игра и пожртвуваност во одбраната, се надевам на позитивен исход“ -изјави Танкоски.
По одиграните 4 кола, екипата на Металург 2 е на последно место без освоени бодови, додека екипата на Тинекс Пролет е на 6-тото место. Директен пренос од овој натпревар можете да следите на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија.