Екипата на Тинекс Пролет во второто коло од македонскиот плеј-оф дојде до првата победа откако на домашен терен ја совлада екипата на Радовиш со резултат 29:25 (15:10). Иако во првото коло екипата на домаќинот убедливо загуби од екипата на Зомимак, овој пат против екипата на РК Радовиш одигра многу посигурно држејќи го под контрола резултатот во текот на целиот натпревар.

РК Радовиш пружија вистински отпор во првите 15 минути од натпреварот кога резултатот на семафорот беше 7:6, но ракометарите на Тинекс Пролет заиграа поцврсто и поангажирано во одбраната и во нападот и дојдоа најпрво во водство од 3 гола разлика, а потоа и до плус 5, така што на полувремето резултатот беше 15:10.

Второто полувреме, ракометарите на Тинекс Пролет го отворија со серија од 7:1, па во тој момент го имаа највисокото водство од плус 6, 19:11. Конечниот резултат на средбата изнесуваше 29:25, а најефикасни од екипата на Тинекс Пролет беа Димитриевски со 7 и Трајковски со 5 погодоци, а додека на спротивната страна Илиев со 9 и Блажески со 8 голови.

За потсетување, дуелот помеѓу екипите на РК Зомимак и РК Вардар е одложен, поради обврските што ги има екипата на РК Вардар во Лигата на шампионите.