Ракометарите на Тинекс Пролет, во рамките на второто коло на плејофот на домашен терен ја пречекуваат екипата на ракометниот клуб Радовиш. Второто коло го отвараат овие две екипи кои беа поразени во првото коло и во меѓусебна пресметка ќе се обидат да дојдат до првите 3 бода.
Натпреварот ќе се одигра на 8.04.2015 година (среда), со почеток во 16 часот, во спортската сала ,,Македонско Сонце”.
Тимот на МакРакомет разговараше со ракометарот на РК Тинекс Пролет, Доне Мајнов кој за претстојниот натпревар ни го изјави следново:
„Сметам дека ова ќе биде пред се’ еден тежок и неизвесен натпревар. Многу добро знаеме дека екипата на РК Радовиш игра се’ подобро и подобро, но сепак ние сме во блага предност бидејќи играме на домашен терен и пред нашата публика. Искрено, очекувам победа и добар пласман во плејофот.“
Од противничката екипа разговаравме со Александар Долдуров, левото криво на РК Радовиш.
„Примарната цел ја остваривме, а тоа беше да играме во плејофот. Сега играме порелаксирано и без притисок, но сепак во никој случај не се предаваме. Ние сме желни да се надигруваме со најдобрите и токму затоа сме тука. Можам да кажам дека против екипата на РК Тинекс Пролет ја гледаме нашата шанса. Но, да бидеме реални, нашата екипа како и екипите на РК Тинекс Пролет и РК Прилеп ќе се борат за четвртотто место на табелата бидејќи се работи за екипи кои се на исто рамниште. Но, како и да е, сметам дека натпреварот со РК Тинекс Пролет ќе биде еден одличен, но и тврд, неизвесен натпревар во кој домашната екипа ќе ја има улогата на фаворит. Во претходниот дел од првенството, домашниот терен се покажа како пресуден и двете екипи имаа по една победа.”