Македонскиот ракометен прволигаш Тинекс пролет ја продлабочува соработката со европскиот гигант Веспрем. Само неколку месеци откако одиграа пријателски натпревар против унгарскиот ракометен џин, членовите на Тинекс Пролет ќе имаат можност уште еднаш да му се спротивстават на Веспрем, на дуел што на барање на унгарскиот клуб ќе се одржи на 6 март.

„Челниците на европскиот гигант Веспрем препознаа во нашиот колектив еден млад и перспективен тим и на нивното барање за пријателски натпревар на 06.03.2015 год ние одговоривме позитивно и со задоволство ќе го пречекаме овој реномиран колектив иако тој викенд имаме многу значаен натпревар од домашниот шампионат со екипата на РК Охрид за влез во плејоф“ – истакна директорот на клубот Сашо Огњеновски.

Воедно, македонскиот клуб добил понуда за младинските тимови на Тинекс Пролет да учествуваат на силниот меѓународен турнир што го организира Веспрем.

„Без разлика на огромната разлика во квалитет на двата тима ние само можеме да учиме во секој поглед од Веспрем, како играчки така и организациски. Луѓето од Веспрем исто така не поканија да учествуваме на еден од најголемите турнири Балатон куп за млади категорииод 04-06. Април 2015 год. каде што се организатори и каде што доаѓаат само одбрани екипи од цела Европа, кое ние го прифативме и на истиот ќе учествуваме со нашата младинска екипа и со пионерите“ – дополни Огњеновски.

Извор: www.ekipa.mk