Поминаа неколку дена. Емоциите спласнаа. Се оладија главите. Болката не престанува. Страста за Вардар не умира! 26ти Април ќе остане запаметен како историски ден за Вардар и неговите навивачи. Го постигнавме невозможното. Бевме едно. Ние и Вардар. Навивачите и играчите. Тренерот и стручњаците. Дури и оние кои ни завидуваат посакуваа Вардар да замине на Ф4. Дури и ним им е мака за неправдата што ја доживеавме. Овој ден и картата за натпреварот ќе бидат болен спомен, но спомен со кој ќе се гордеам. Се гордеам со мојот Вардар. Сите се гордееме со нашиот Вардар, со нашата светост.

Многумина не разбираат, но и тие не останаа рамнодушни на тоа што се случуваше во саботата. Црвено – црна бурна емоција. Делириум, навивање за историја, бескрајна тага и сплотеност. Со еден збор – љубов. Љубов каква што само ние навивачите ја разбираме. Исполнетост во текот на целите 60 минути. Радување на секој постигнат гол. Бодрење дури и при најмал проблем. Негодување при секоја неправда. Заедно. Од прв до последен. И навивачи, и играчи, и тренер. Тие изгинаа на теренот, но и ние изгинавме на трибините.

Толку солзи, толку пот, толку трошење на гласните жици. Толку молби, толку желби, толку замисли. Не можете ни да замислите како се тресеа трибините додека постепено се правеше пресвртот. Да можевме сите ќе застаневме на теренот. Да украдеме топка, да спречиме контра, да постигнеме гол повеќе, да му помогнеме на нашиот Вардар. На секоја одбрана на Џамбо, на секој постигнат гол се радувавме како мали деца. Скокавме, урлавме, се гушкавме, се поздравувавме, се бодревме и бевме се погласни. Џабе им се трофеи на другите клубови кога немаат со кого да ги прослават. Вардар има со кого и да слави, со кого и да тагува. Има Вардар на кого да се потпре и кога му е најтешко, а има кого и да израдува. Најголемиот не треба да брои само трофеи. Најголемиот брои и во публика. Тоа го прави Вардар најголем и над сите.

Вардар покажа и докажа дека е вистинскиот скопски бренд. Покажа дека има луѓе што го сакаат од најмали години, па се до највозрасните. Како јас ќе ја памтам саботата. Најпрво хаос. Трка со времето. Што побрзо да се стигне до карта. Многу незадоволни. Нема карти за сите. Потоа пред сала. Адрелинот на повеќе од дозволеното ниво. Денот што го чекав. Сонот на секој Вардарец да се исполни. Салата полека се полнеше, а срцето се посилно ми биеше. Ќе почне. Ќе почне најголемиот натпревар во мојот живот. Најпрво најавата. Нашите херои истрчаа на теренот. Но нешто недостигаше. Некој фалеше. Фалеше оној што е најблизок со навивачите. Фалеше нашата легенда. Фалеше Столе. Се појави од трибините. Таков поздрав не добиваат ни Хансен, ни Егерт, ни кој било друг ракометар. “Столе ти си наша икона!” ечеше од трибините.

Започна натпреварот. Целиот тој притисок и преголемата желба за победа на момент не сопнаа. На почетокот потфрливме сите. Бевме загубени во првото полувреме. Изгубивме надеж. Се помиривме дека сепак не е дојдено времето да ни се оствари сонот. Но, брзо го заборавивме. Само паузата беше доволна за нашите херои да ни докажат дека не сме во право. Тие полетаа, а ние само ги одржувавме нивните крилја. Голеадата не можеше да застане. Историјата почна да се пишува. Лудилото достигна кулминација. Да, ние навивачите сме луди. Луди за Вардар. Луди од љубов и страст кон нашиот свет клуб. Црвено – црни лудаци.

Головите се редеа, песната не престануваше, самодовербата растеше. Вардар ќе патува на Ф4. Само уште малку. Уште само еден гол Боже. Нека ни се оствари сонот. Последни минути. На сцена стапуваат други актери. Од некоја “фер” земја. Престрого досуден фаул. Од трибините сите довикуваа “НЕ, НЕ, НЕ, НЕМОЈ!” Сепак 2 минути исклучување. Па пенал. И кулата со карти се сруши. Настана тишина. Крај на натпреварот. Штама. Само солзи и неверување. Заминаа скоро сите. Останаа најверните. Продолжи песната. Ние не го оставаме Вардар. Ние го сакаме Вардар. И во победа, и во пораз!

За Вардар, за Скопје, за Македонија.

Автор на текстот е @dushmanot