Репрезентацијата на Босна и Херцеговина е третиот противник на македонската ракометна репрезентација на светското првенство во Катар. Уште еден дебитант на светските шампионати, кој постигна историски успех со овој пласман. А откако по трновит пат стигнаа до ова СП и постигнаа успех кој го чекаа 20 години, Босанците предводени од селекторот Драган Марковиќ не планираат да застанат тука. Целта на оваа селекција е пласман во Топ 16.
По првите две кола Босна има победа и пораз, и игра која во некоја мера наликува на играта на нашата селекција од минатото. Исклучително цврста одбрана која е главната карактеристика на репрезентацијата, но неубедлив и неинвентивен напад.
Драган Марковиќ, кој во изминатвие две години направи селекција по свој избор, верува дека играта во нападот ќе се подобри токму на дуелот со Македонија. „Видлива е нервозата во нашата екипа. Но очекувам тоа да го надминеме и да одиграме подобро“.
Во првите две кола најпрецизни кај Босанците се Малиновиќ со вкупно 9 гола (6 постигна во поразот од Австрија) и нам добропознатиот Карачиќ со 6 постигнати голови.
Но не се само тие. Босна располага со навистина добар тим. Тука е на ова првенство извонредниот голман на Горење Буриќ, потоа лидерот на оваа репрезентација Прце, кој заради повредата не е во вистинска физичка форма, но секогаш значи за играта на Босна и херцеговина. Тука се и Торомановиќ (Кретеј), Терзиќ (Веспрем), Вражалиќ (Балинген), Овчина (Ал-Шамал).
По поразот од Австрија, Носна ќе се обиде со победа над Македонија да се врати на победничките патеки. Сепак се чини дека Босна и Херцеговина со квалитет е нешто зад македонската репрезентација. Она што ние мора да го направиме во однос на првите де кола, е да ја подобриме играта во одбрана. Македонија мора да ја врати препознатливата цврстина во одбраната. И доколку го направиме тоа, победата над Босна и Херцеговина, не би требало да се доведе во прашање.
Мечот се игра на 19.01.2014 во Ali Bin Hamad Al Attiya арената, со почеток од 17:00 часот и директен пренос на МРТ 1.