По одиграни 6 кола во Лигата на шампионите, МакРакомет со анализа за учинoкoт нa секoј игрaч пoединечно.
Голмани
Даниел Дупјачанес – Заедно со Јанко Божовиќ, најдобар во екипата на Металург. На почетокот на сезоната поголем дел од јавноста немаше слушнато за Дупјачанец и очекуваше звучно голманско име да ја засили екипата. Сега, по само 6 мечеви, Дупјачанец е миленик на публиката. И заслужено. Оцена: 5
Милош Вуковиќ – Донесен како поранешен младински репрезентативец на својата земја, Вуковиќ до сега не оправда да биде наречен „засилување“. Покрај Дупјачанец, реално не доби многу шанса, но и онаа мала минутажа (во ЛШ и првенството) воопшто не ја искористи. Ако набрзо не покаже зошто е во тимот, Металург ќе мора да си бара друг резервен голман. Оцена: 1
Антонијо Пешев – Доби шанса само на мечот со Елверум во Скопје и не ја искористи. Има извонредни физички предиспозиции, што секако не е доволно за да се биде добар голман. Оцена: 1
Бекови
Јанко Божовиќ – Австриецот е без конкуренција најдобриот играч во Металург. Со „топ“ во левата рака, Божовиќ е вистински лидер на екипата, кој презема одговорност кога е најтешко. Во моментов е втор стрелец во Лигата на шампиони, што дополнително дава тежина на извонредниот старт на сезоната. Се чини дека Божовиќ ја игра најдобрата сезона во кариерата. Секоја чест. Оцена: 5
Филип Талески – Евидентен е напредокот на играта во одбрана, но и застојот во играта во напад. Шутевите најчесто му се во средината на голот и се лесен плен за противничките голмани.Се гледа притисокот врз него и клубот мора да поработи со него на тој план. Талески останува еден од најталентираните млади македонски ракометари. Јавноста не смее да заборави, Талески сеуште има само 19 годинии оваа шанса која ја добива од Червар и тоа како ќе му помогне за развој во кариерата. Оцена: 3+
Марко Матиќ – Хрватот Матиќ е вториот искусен играч во Металург, на кого многу се потпира Червар. И ако Божовиќ целосно ја оправдува слободата во играта, тоа не може да се каже за Матиќ. Од една страна има добар удар и често знае да ја разбие одбраната, што се покажува и во фактот дека е втор стрелец на екипата со 22 гола. Од друга страна, Матиќ е неконстантен, знае во серија непотребно да потроши топки, а и во одбраната често кикснува. Сепак, во отсуство на искусни бекови, Матиќ е значаен дел од Металург. Оцена: 4
Филип Кузмановски – Младинскиот репрезентативец е вистинско откритие сезонава. Металург беше подготвен летово да се откаже од тројца свои играчи во замена за Кузмановски, и пошироката јавност сега има прилика да види зошто. Дрзок во нападот и силен и подвижен во одбраната, Металург доби играч кој може да игра во двата правци. Кога ќе додадеме дека и тој има само 19 години, јасно е за каков потенцијал се работи. Оцена: 3+
Лука Мраковчиќ – По Јанко Божовиќ, најдоброто засилување за Металург сезонава. Има само 21 година, но игра многу позрело. На трибините на СЦ Борис Трајковски меѓу навивачите често може да се чуе дека со стилот на игра многу потсеќа на иконата на Металург, Филип Миркуловски. Штета што се повреди и тоа го измести од ритам, но сосем е извесно дека со време ќе прерасне во вистински лидер на екипата. Оцена: 4
Милорад Кукоски – Долги години Велко Марковски и Ацо Јоновски беа бедемот на Металург. Кукоски годинава сосем солидно ги наследи како централен дефанзивец. Треба да остане поприсебен во тензични моменти и да не прави залудно прекршоци за 2 минутно исклучување и ќе биде многу покорисен за тимот. Оцена: 4
Марко Бувиниќ – Уште еден млад и перспективен ракометар, кој Червар го кориси на секоја позиција. Треба да поработи на концентрацијата и техничките грешки во напад. Во одбрана, солиден. Оцена: 3
Горан Крстевски – До сега не доби шанса. Оцена: /
Мартин Велковски – До сега не доби шанса. Оцена: /
Крила
Никола Костески – Никола конечно ја дочека својата шанса во Металург и целосно ја искористи. Одличен е и во нападот и одбраната, што го забележа и Обрван и сосем оправдано е дел од репрезентацијата. Единствена замерка е кон неговиот однос на паркетот – често премногу драматично реагира кон соиграчите, по примен гол. Во секој случај, еден од најдобрите ракометари на Металург до сега и трет стрелец на екипата. Оцена: 4
Бојан Маџовски – Младиот крилен играч одлично ја започна сезоната. Исклучително борбен во одбраната и прецизен во нападот, сериозно се наметнува на ракометната сцена. Сепак во последните неколку мечеви демонстрира пад на концентрацијата – не покрива доволно брзо во одбрана и промашува зицери во напад. Храброста и пожртвуваноста му се меѓу посилните страни. Клубот треба да му помогне во подигање на самодовербата. Оцена: 3
Давор Палески – Најмладиот член на Металург до сега доми мала минутажа, но таа целосно ја искористи. Исклучително присебен и на свои 18 години, Давор е еден од плејадата млади ракометари кои ќе бидат столбот и на Металург и на репрезентацијата за 2-3 години. Оцена: 3
Пивоти
Жарко Пешевски – Расте од меч во меч. Има феноменални физички предиспозиции. Мора да ннаучи да се гради подобро (тоа доаѓа со искуство и мноу, многу работа). Ќе биде интересно да се види во репрезентативниот дрес со друга бековска постава. Оцена: 4
Костадин Петров – Кај Костадин евидентен е потенцијалот кој го поседува. Како и Пешевски, и тој поседува извонредни физички предиспозиции и со многу труд и работа може да прерасне во вистински пивот. Сеуште нема гол, ноако добива повеќе минутажа, ќе биде се подобар. Оцена: 3