Второ место во групата на смртта во ЛШ. Второ место во СЕХА лигата. И во двете конкуренции веднаш зад веројатно една од најсилните ракометни екипи на денешницата – Веспрем. Тоа е учинокот на Вардар по завршувањето на полусезоната. Учинок со кој треба да се гордеат сите – раковоството на Вардар, стручниот штаб предводен од Раул Гонзалес, играчите кои со срце настапија на секој натпревар, но пред се верната Вардарова публика.
Уште за време на летниот преоден рок, раководтвото на клубот и пред се спонзорот јасно ставија до знаење – Вардар ќе цели високо оваа натпреварувачка сезона. И во тој контекст беа и засилувањата за и онака силниот Вардаров тим. Уште кога почна да се шпекулира за неговото доаѓање, јасно беше дека трансферот на Штербик во Вардар ќе е еден од најголемите транфери во македонската ракометна историја. Голманска величина која му го даде она што реално на Вардар му недостигаше минатат сезона – константност меѓу стативите. А и се она што оди со такво име – реноме кај судиите, почит кај противникот, екстра самодоверба кај соиграчите. Покрај него, Вардар се засили и со Лацковиќ, Шишкарев, Горбок, па сите со нетрпение ја очекуваа новата сезона.
И македонскиот спортски бренд ги исполни сите очекувања. Од меч во меч Вардар растеше во квалитет. Од тешката победа на гостувањето над Цеље, преку извонредните триумфи над Чеховски Медведи и особено Рајн-Некар Ловен, како и големиот бод од гостувањето во Монпелје. Потоа следеше неверојатниот меч со Веспрем во Скопје, во кој Вардарци несреќно загубија. И откако фановите се уплашије дека по поразот од Веспрем и на реваншот во Унгарија, Вардар е разнишан, играчите тоа го демантираа и со две врзани победи се вратија на победничките патеки. Покрај во Лигата на шампионите, Вардар е константно добар и во СЕХА лигата, каде со 10 победи и само 2 пораза, практично е сигурен учесник на Фајнал 4 турнирот.
Покрај успесите на играчки план, мора да се потенцира дека е видлив и растот на клубот организациски. Екипата потпиша партнерства со неколку сериозни македонски компании, со што уште повеќе се засили финансиски, што во модерниот спорт е неопходно за позначителен успех во европски рамки. Имаше тука и неколку грешки на раководтвото со продажбата на сезонските билети и достапноста на одредени блокови во новата сала, но како што секогаш бива, резултатите се во преден план. И затоа, овој пат, лесно прејдоа преку тоа навивачите на Вардар, што не значи дека такви организациски грешки треба да се случуваат и во иднина.
Следи 40-дневна пауза заради репрезентативни обврски и Светското првенство во Катар. Пауза во која дел од играчите на Вардар ќе бидат со своите репрезентации, а дел ќе добијат заслужен одмор пред продолжувањето на натпреварите. А следат жестоки натпревари во февруари, меѓу кои и веројатно клучниот меч со Рајн-Некар Ловен – директен дуел за толку посакуваното второ место во групата и полесен противник во нокаут фазата.
Затоа на Вардар му се потребни здрави играчи, па се што посакуваат навивачите и особено тренерот Раул Гонзалес е првенството во Катар да заврши без повреди за неговите играчи. Само така екипата ќе биде доволно конкурентна и силна во обидот да гооствари својот голем сон – пласман на Фајнал 4 турнирот во Келн. Резултат кој би претставувал остварување не само на сонот на Комитите и останатите симпатизери на Вардар, туку и на сите искрени ракометни фанови во Македонија, па дури и на Балканот.