Нашиот репрезентативец Филип Миркуловски на крајот на сезоната ќе го напушти тимот на Хановер и ќе премине во редовите на Вецлар, каде треба да го замени феноменалниот Ивано Балиќ, кој најави дека во јуни ќе стави крај на својата активна спортска кариера.

Миркуловски потпиша двегодишен договор, кој важи до 30.06.2017 година.

“Многу сме среќни што успеавме да го добиеме Филип Миркуловски, ракометар со огромно меѓународно искуство и огромна играчка интелигенција, кој истовремено е и одличен дефанзивец. Тој е тип на играч каков што баравме” – изјави извршниот директор на Вецлар Бјорн Сејп.

“Јас сум исклучително задоволен што добив можност да заиграм во клуб како Вецлар. За мене не беше лесно да решам каде ќе ја продолжам мојата кариера, но сигурен сум дека ја донесов вистинската одлука. Сакам да потенцирам дека сум презадоволен од моето искуство со тимот, клубот и со градот Хановер. Сепак, пресудни беа целите и потенцијалот на Вецлар во наредните години. Исто така, јас сум високо мотивиран да ја продолжам кариерата на местото на една од најголемите ракометни легенди на сите времиња, Ивано Балиќ” – рече Миркуловски по потпишувањето.