Во квалитетен и за око убав натпревар, фаворитот Веспрем го совлада македонскиот шампион Металург со резултат 27-22. Во меч кој беше неизвесен само во првото полувреме, кое Веспрем го доби само со 1 гол разлика (12-13), обете екипи покажаа борбеност и квалитет, како што прилега на учеснички во Лигата на шампионите.

И иако беше нереално Металург во моментов да го совлада феноменалниот унгарски шампион, сепак нашиот првак не се предаде. Напротив, се бореше со сите свои сили и по којзнае кој пат ги направи горди своите навивачи. По подолго време, на голот солиден беше голманот Митревски, што им овозможи на играчите да го одржуваат резултатот. Вугринец со 6, Мојсовски и Ѓукиќ со по 4 погодоци беа најпрецизни кај домаќините. Вреди да се спомене дека во екипата на Металург дебитираа уште 2 младинци, Костески и Борјан Маџовски, кои заедно со Талески, уште еднаш покажаа дека Металург има светла иднина.

Што се однесува до противникот, Веспрем уште еднаш покажа зошто годинава оди на титулата не само во СЕХА лигата, туку и во Лигата на шампиони. Огромен број на квалитетни играчи, кои овозможија ротација и исто ниво на игра цели 60 минути.

Ова беше претпоследен меч за екипата на Металург до зимската пауза. Следи уште дуелот со Раднички Крагуевац наредната недела, по што играчите ќе се посветат на репрезентативните обврски, а управата се надеваме ќе ги разреши сите проблеми и екипата ќе се врати на старите победнички патеки.