На неполни три недели до почетокот на СП, македонската репрезентација полека влегува во форма. Ракометарите веќе недела дена одржуваат напорни тренинзи, на кои според информациите, селекторот Обрван се фокусирал на подигнување на физичката спремност на репрезентативците. По двомечот со Израел, следи неколку дневна пауза заради празниците, по што репрезентацијата повторно ќе се собере за финалната фаза на подготовки, кога се очекува селекторот да работи на тактичко-технички план, како и да го соопшти финалниот список на ракометари на кои ќе смета на СП.

Со секој одминат ден полека расте еуфоријата меѓу македонските навивачи. Иако има уште многу до првенството, јавноста како да осеќа дека на ова првенство ќе бидеме сведоци на нешто големо. Сведоци на историски успех на една неповторлива генерација македонски ракометари.

Затоа и цела македонска јавност уште од самиот почеток на „операцијата Катар“ јавноста дава безрезервна поддршка за екипата. Сите го оставија на страна ривалството меѓу Вардар и Металург, речиси воопшто (или многу малку) не го коментираат поширокиот список на ракометари. Како ретко кога, сите се застанати позади селекторот. И така треба да биде. Секој од нас си има мислење, поинакви идеи, но на крајот на краиштата Ивица Обрван е селектор. Тој ќе биде главниот одговорен за резултатите на оваа репрезентација, какви и да бидат. Затоа и до почетокот на првенството, треба да му се остави време и да се продолжи со позитивната атмосфера околу репрезентацијата. И нему и на РФМ, која навистина сериозно му пристапи на овој проект, на кој сосема отворено се гледа како на попатна станица кон најголемата цел – пласман на ОИ во Рио.

Но, и покрај погоре кажаното, не значи дека сите ние ќе престанеме со аргументирани анализи, коментари и сугестии. Пред и по секој натпревар на СП.

А до тогаш, можеме само да им посакаме добро здравје на нашите репрезентативци.

Македонија е со вас.