Уште со самото извлекување на групите во Лигата на шампионите, се знаеше дека групата Ц, групата во која беше извлечен Вардар, е најсилната група. Од таму, и тешките и неизвесни дуели во секое коло. Така е и денес. Во меч од 7-то коло, Вардар го пречекува тимот на Цеље. И иако Вардар важи за апсолутен фаворит, проценките се декаа ова ќе биде тежок и неизвесен дуел. Има неколку причини за ваквите очекувања.
Прво, Вардар е во серија на лоши резултати. И иако, имајќи го во предвид распоредот на Вардар во минатите три кола, некој ќе каже дека тоа се очекувани резултати, факт е дека Вардар последната победа ја имаше пред точно месец и половина, на дуелот со Рајн-Некар Ловен. Значи, Вардар е во некаква мини резултатска криза, од која мора да излезе во најкус можен рок. Дополнително, Вардар има проблеми со повреди. Во прв план проблематични се повредите на Горбок и Лацковиќ, со што позицијата лев бек езначително ослабена, а загрижувачки се и повредите на Стоилов и Брумен, кои иако е извесно дека ќе настапат, прашање е колку ќе бидат подготвени да го дадат својот максимум.
Од друга страна тука е екипата не Цеље, која од натпревар во натпревари игра се подобро. Млада, полетна екипа, која игра исклучително модерен ракомет. Брза транзиција и искористување на секоја можност за контра и полуконтра е главната карактеристика на играта на Цеље. Тоа го почуствува тимот на Рајн-Некар Ловен, лидерот во германскиот шампионат, кој буквално беше прегазен од Словенците во дуелот од минатото коло (32-28). Дополнително тимот на Цеље, нема што да загуби. Се наоѓа во незавидна ситуација, и само сензација вечерва во Скопје, му ги задржува шансите за пласман на некое од првите 4 места во групата. А екипите кои играат без притисок, без задршка, се најопасни.
Но Вардар годинава не бега од улогата на фаворит, и засега одлично се носи со тоа. Очекуваме таа улога да ја оправдаат и вечер. Се зависи од играчите на Вардар. Извонредните Карачиќ и Дибиров, мора да добијат поддршка од своите соиграчи. Душебаев блескаше во првиот меч со Словенците со 8 гола и таа партија мора да ја повтори, бидејќи бековската линија ни е реално најтенка. Својата шанса мора да ја искористи и капитенот Лазаров, и да придонесе во добар резултат. На мечот со Веспрем и Прибак покажа дека мора да добива поголема минутажа и дека може да биде и тоа како корисен за тимот.
Саботниот натпревар е од исклучително значење за Вардар. Со победа, сите дилеми за пласман во следната фаза на натпреварувањето се отстрануваат и дополнително, Вардар ќе остане во игра за второто место во групата, што е исклучително битно за што подобар резултат сезонава во ЛШ. Со евентуален пораз, ситуацијата во групата исклучително ќе се искомпликува, и Цеље рамноправно со Монпелје, Рајн-Некар Ловер и Вардар, ќе се вклучи во борба за место во осминафиналето.
Но на пораз никој не помислува. Ни стручниот штаб на Вардар, ниту играчите, а најмалку навивачите на клубот. Време е Вардар да се врати на победничките патеки. Во Јане Сандански и посилни противници од Цеље нема што да бараат. Вечерва очекуваме да одгледаме уште еден врвен ракометен дуел, кој ќе заврши со пoбеда на македонската екипа.
Натпреварот е со почеток од 19:00 часот, со директен пренос на Алфа ТВ.