Со собирот на репрезентативците денес во 10:00 часот во хотел Александар Палас, официјално започнува новиот квалификациски циклус за македонската машка ракометна репрезентација. Целта е пласман на Европскиот шампионат, кој ќе се одржи во Полска, во јануари 2016. Македонија е во тешка и пред се изедначена група, заедно со апсолутниот фаворит Франција, Чешка и Швајцарија.

Токму во дуел со Швајцарците, во среда во Скопје, нашиот национален тим ќе ги отвори квалификациите. И иако во споредба со Чешка и Франција, Швајцарците делуваат како лесен противник, тие воопшто не се наивна репрезентација.

Швајцарците сериозно се подготвуваат за овие квалификации, се со цел да го прекинат 8-годишниот пост на неучество на големите шампионати. Во изминатава година се обидуваат да изградат препознатлива игра на својот национален тим – игра со многу трчање и брза транзиција, која треба да резултира со многу постигнати голови. Всушност, нивната игра е целосно спротивна од она што со години го практикува македонската селекција – цврста игра во одбраната и дисциплиниран напад. Тоа му е познато и на селекторот на Швајцарците, Ролф Брак. „Целиот фокус на почетокот на овие квалификации ни е насочен кон натпреварот во Скопје. Мора на физички силниот противник да му ја наметнеме нашата игра со многу трчање и да ја искористиме нашата брзина“, изјави селекторот Брак во пресрет на подготовките за квалификацискиот дуел.

Играчки, репрезентацијата нема некои супер ѕвезди. Тоа пред се се играчи од домашниот шампионат (главно од екипите на Вакер Тун и Винтертур), секако предводени со единствената вистинска ракомена ѕвезда во тој тим, играчот на Рајн-Некар Ловен, Енди Шмит. Се почнува и завршува со средниот бек на швајцарската репрезентација, кој е мозокот на тимот и успехот на Швајцарците директно зависи од тоа како тој ќе одигра. Тоа се покажа и на последниот во низата контролни натпревари, одигран против селекцијата на Германија, кој заврши со резултат 28-28. На мечот, најдобар беше токму Шмит со 10 постигнати голови.

Сепак, Швајцарија влегува во редот на оние репрезентации, кои играат онолку колку што ќе им дозволи противникот. Очекуваме репрезентацијата на Македонија, да ја покаже својата повисока класа и да ги започне квалификациите со победа и 2 освоени бодови.

Мечот е во среда, со почеток во 17:45, во СЦ Борис Трајковски.