На четири дена пред првиот настап на македонската ракометна репрезентација и по турнирот во Нант, македонската јавност има нешто подобра претстава за тоа кои се можностите на нашата селекција.
Сите фанови на ракометот во државава исклучително добро ја познаваат нашата селекција. Но немаше баш најјасна слика за тоа каква ќе биде играта на нашата селекција. Причините се неколку. Прво, Македонија прв пат ќе настапува на еден шампионат во овој состав (на минатото ЕП не настапија Вугринец и Мојсовски, а Прибак настапи со мала минутажа само во втората фаза). Дополнително, Обрван работеше 4 недели со репрезентативците, сосем доволно да ги наметне своите идеи и генерално својата ракометна филозофија.
И конечно, на пријателските мечеви со Израел, и особено на турнирот во Франција ја видовме контурата на македонската репрезентација.
Иако Израел не е противник на нивото на Македонија, сепак видовме некое ново лице на Македонија. Брз напад, со многу разноводни акции, наспроти досегашната практика 80% од товарот да е на грбот на Кире Лазаров. Вистинската проверка дојде на турнирот во Франција. На мечевите со Алжир и Франција видовме две лица на Македонија. Со Алжир, Македонија се покажа во светло, во кое што сакаме да ја гледаме на СП. Разновидна и пред се брза игра. Контра и полуконтра секогаш кога се укажуваше и најмала шанса. Во одбраната – гранитно цврсто. Како што сме навикнати да ги гледаме нашите ракометари.
На вториот меч, со извонредно силната Франција, се беше поинаку. Македонија немаше решение за цврстата француска одбрана. Затворени беа сите приоди кон голот на Омејер, и на моменти ова наликуваше на играта на нашата селекција во минатото, кога се мачеше да дојде до изгледни шанси за гол. За жал, ни одбраната не беше на високо ниво за да ја компензира лошата игра во напад, па сето тоа резултираше до пораз од 10 голови.
Што дознавме од овие подготвителни мечеви? Неоспорен лидер и наш клучен играч секако останува Кире Лазаров. Она што сега е добро, е тоа што ростерот на бековската позиција е многу поширок. Лазаров нема да мора да игра 60 минути, бидејќи тука е искусниот Вугринец, кој со својата прегледност во играта (асистенциите кои ги делеше на мечот со Алжир беа феноменални) ќе биде од извонредно значење. Прибак и Миркуловски се одличен избор на централната позиција и тука нема да имаме проблеми. Лево сме најтенки, бидејќи Мојсовски сеуште игра многу променливо, а Филип Лазаров не е играч кој може да потегне кога на другите не им оди. Од крилата, Манасков е во феноменална форма, а сосем солиден е и Георгиевски, додека на пивотменската позиција царува Стоилов. На оваа позиција во Франција не настапи Димовски, туку Марковски, па нејасно е кој ќе добива предност на мечевите во Катар. Во одбраната Ацо Јоновски и Велко Марковски по којзнае кој пат покажаа дека без нив не се може, како и без Борко Ристевски на голот, кој има извонредна поддршка од Диви, кој очигледно ќе биде втор голман на тимот.
Но не е се така сјајно. За жал, на овие мечеви се покажа дека јавноста со право бурно реагираше кога Обрван ги понесе во катар Златко Мојсовски и особено Влатко Недановски, на местото на Гоце Ојлески. Недановски доби сосем солидна минутажа на мечевите во Нант, но не покажа апсолутно ништо. Ни во напад, ни во одбрана. Напротив, и тоа како се осеќаше кога Манасков не беше на теренот. Ситуацијата со Златко Мојсовски е нешто поинаква. Тој веројатно ќе може да го менува на кратко Георгиевски, но никако да даде дополнителен квалитет во играта на нашата селекција.
Но тоа се нашите видувања. Најискрено се надеваме дека грешиме и дека и Мојсовски, и Недановски и Филип Лазаров ќе блеснат на шампионатот и ќе докажат дека селекторот Обрван бил во право кога се решил да ги вклучи во 18-мината репрезентативци. Бидејќи да се постигне историскиот успех кој сите го посакуваме, треба рамноправен придонес од сите играчи.
Ние им посакуваме среќа и добро здравје на сите 18 играчи, на стручниот штаб и водството на репрезентацијата. Останува овие 5 дена да се аклиматизираат на Доха и од петок сите заедно да уживаме во незапамтени успеси на македонската селекција.