Со нетрпение го чекав саботниот натпревар на Вардар, против германскиот гигнат кој немаше пораз долго време, за натпреварот кој беше прогласен за „натпревар на неделата“ во Лигата на шампиони, за екипата на Рајн Некар Левен. Натпревар во кој конечно очекував да го видам Вардар во најсилно светло, бидејќи после првите 3 кола во ЛШ, овој натпревар беше вистински тест за тоа дали Вардар може годинава да стигне до Ф4.
Во очекувањето на одличен натпревар и победа на Вардар, јас уште на самиот почеток добив големо разочарување од страна на екипата на Рајн Некар, кога видов дека го започна натпреварот, може комотно да кажам со втората постава. Без тројцата најдобри играчи, кои сите ги очекувавме да заиграат … играчите од калибарот на Уве Гејншајмер, Андре Шмид и Патрик Гроетцки. А во нашиот состав, Македа за мое големо изненадување истотака не го започна натпреварот…
Си реков ајде, тренерот на Рајн Некар, Јакобсен има некоја тактичка замисла… дека се надигруваат со Раул Гонзалес. Течеше првото полувреме, имаше атмосфера супер (благодарение на комитите кои се вратија во сала, после сите проблеми што ги имаа со управата на Вардар), имаше борба во натпреварот, но се некако ми течеше вештачки многу. Сите се радуваа на головите на Вардар, само јас некако повлечен и размислував за овој глуп или можеби паметен потег на тренерите… по што заклучив дека беше ГЛУП!
Ништо поразлично не беше во второто полувреме, освен тоа што Гонзалес беше приморан да го стави во игра Македа, а Јакобсен откако поради црвениот картон беше исклучен Кнер, го внесе на терен Шмид. А еден од најдобрите крила во светот, Уве Гејншајмер ја преседе утакмицата и влегуваше само да изведе седмерци.
Вардар со овој состав на Рајн Некар и овие тактики, заслужено дојде до победа и нови бодови. Но, јас не се израдував на победата и заминав разочаран од сала, со прашањата:
- Дали ова беше најсилното светло на ракометарите на Вардар?
- Дали беше неважен и однапред загубен натпревар?
- Дали беше само еден тактички натпревар помеѓу тренерите на двете екипи?
Авторот на текстот сакаше да остане анонимен.