Црногорската репрезентативка Jованка Радичевиќ која е еден од носителите на играта на ЖРК Вардар, не се сомнева дека македонскиот шампион и годинава ќе избори место на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Без оглед на слабите игри во последно време, таа е оптимистички расположена за надминување на кризата и експресно враќање на победнички патеки.
„Искрено верувам дека ќе ги добиеме сите три наредни натпревари во групата. Сигурна сум дека ќе одиграме многу подобро, дека ќе избориме пласман во четвртфиналето, а после ќе се пласираме и на Ф4, бидејќи таму, релано, и ни е место“ – вели Радичевиќ во интервјуто за црногорскиот портал handbalme.me.
ЖРК Вардар во последното коло доживеаа дебакл во Русија, од екипата на Динамо Синара, што беше нивно 4-ти пораз сезонава, пораз после кој вардарки се наоѓаат на 5-то место во групата. За понатамошен пласман нашите ракометарки треба да ги добијат преостанатите три натпревари против Лајпциг, Крим и Динамо. Натпревари во кои Радичевиќ смета дека играта од Волгоград на ЖРК Вардар нема да им се повтори.
„Навистина играме многу лошо, за тоа сме свесни сите во екипата и заедно мора да ја најдеме причината зошто е тоа така. Она што сигурно не смееме да го дозволиме е да не се бориме до крај и да губиме енергија која треба да ја имаме кога го носиме дресот на Вардар бидејќи навистина ги имаме сите врвни услови кои ги нема ниеден друг клуб во светот, а тоа, секако, треба да го вратиме со добри партии на терен. Против Динамо ние не личевме на себе и тоа што побрзо треба да се смени“ – истакнува Радичевиќ.