По повеќе од цела деценија помината во нашата земја, средниот бек на ЖРК Вардар, Јулија Николиќ (Портјанко) стави крај на својата ракометна кариера. Натурализираната поранешна македонска репрезентативка, која преку Кометал Ѓорче Петров за прв пат беше претставена пред македонската публика, својата долга и богата кариера ја завршува со освоени две бронзени медали од Лигата на шампиони, освоени во последниве две сезони со ЖРК Вардар.

“Многу добро се чуствувам во моментов иако многу ќе ми недостига оваа атмосфера. Сепак после толку години поминати во ракометот сметам дека е време да ја завршам кариерата. Сакам да го проширам семејството и затоа заминувам среќна. Имам големи спомени од ракометот и добро е што заминувам здрава и без никакви повреди. Сега сакам убаво да се одморам а дури потоа ќе размислувам што ќе правам понатаму” – изјави Јулија Николиќ по вчерашниот натпревар со сестринската екипа на Вардар 2.

Николиќ дојде во ЖРК Вардар во 2013 година, од Звезда Звенингород, каде што настапуваше една сезона, после поминатите 6 години во Кометал Ѓорче Петров.

МакРакомет и се заблагодарува за сите свои прикажани игри, воедно и посакуваме многу здравје и што повеќе дечиња, кои ќе тргнат по стапките на својата мајка :-)