Нашите јуниори го забележаа и четвртиот пораз на турнирот во Бугијно, овојпат од репрезентацијата на Србија со 29:24, во борба за пласман од 5-та до 8-та позиција.

Нашите ракометари лошо го започнаа натпреварот, каде веќе после 12 минути игра Србија поведе со 6:2. Водство кое ракометарите на Србија го контролираа до крајот на првото полувреме, каде заминаа со резултат од 15:12.

За разлика од првото полувреме, нашите ракометари се вратија во игра на почетокот на второто полувреме, каде во 33-та минута го израмнија резултатот на 15:15. Но, потоа српските ракометари изиграа одлично во одбрана и повторно се одлепија со нова предност од 19:15, предност која ја одржуваа до крајот на натпреварот.

Последниот обид за пресврт беше во 54-та минута, кога ракометарите на Влатко Неделковски се доближија на само два гола предност, 25:23 … за потоа повторно пад на играта и серија од 4:0 на српската репрезентација за конечни 29:24 и прва победа на Србија на овој турнир, а наш 4-ти пораз.

Најефикасни во нашиот тим повторно беа Кузмановски со 6 и Велковски со 5 постигнати погодоци.

Македонија: Кузмановски 6, Велковски 5, Ставридис 4, Крстевски 4, Маркудов 3, Палевски 1, Давитковски 1, Трпесвки, Апостоловски, Ончев, Огњановски, Левковски, Димовски, Мирчев, Арсеновски, Кизиќ.