Како вовед на она што не очекува во втората половина на јануари, Светското ракометно првенство во Катар и обидот на историски успех за македонската репрезентација, викендов, јуниорската репрезентација на Македонија ќе настапи на квалификациите за пласман на СП во оваа категорија, што летово ќе се одржи во Бразил.
Јуниорите ќе се обидат да го продолжат успехот на нашите младински селекции од минатата година, и да се пласираат на ново големо натпреварување, со што ќе покажат дека македонскиот ракомет има светла иднина.
Новоназначениот селектор на оваа репрезентација, Неделковски, се соочи со неочекувани проблеми, особено со повредата на Марко Нелоски, но сепак склопи респектабилен состав, со кој ќе се обиде да ги изненади фаворитите во групата – Франција и домаќинот Полска. Костурот на репрезентацијата остана, јуниорската репрезентација која минатото лето настапи на ЕП, засилена со неколку членови на кадетската репрезентација. Левата страна е се чини посилниот дел на нашиот тим. Особено силна е левата бековска позиција, на која е предводникот на оваа селекција – Филип Талески, потоа капитенот Борјан Маџовски, како и оваа година одличниот во дресот на Пелистер, Стефан Дрогришки. Левата страна е дополнета и со одличните крила на Металург 2 – Палевски и Бојан Маџовски. На позицијата плеј, се очекува да блесне еден од најталентираните македонски млади играчи – Мартин Манасков, кој заедно со претходно споменатите треба да ја однесе репрезентацијата до голем успех. Вреди да се спомене и голманската позиција, каде покрај Филип Ивановски, кој е еден од најзаслужните што нашата репрезентација триумфираше на квалификациите минатата година, се и Трајковски од Работнички и Даниловски од Металург 2.
Критична е пивотменската и позицијата десен бек, каде Неделковски води само по еден играч – кадетот Мартин Велковски, на позицијата десен бек и Кристијан Костовски на позицијата пивот, па тие, како впрочем и сите останати играчи, ќе треба да дадат и повеќе од 100% од можностите и да се обидат максимално да ја покријат својата позиција и да придонесат за успех на репрезентацијата.
Иако целата македонска ракометна јавност е насочена кон настапот на сениорите, овие јуниорски квалификации се исклучително значајни, бидејќи со евентуален успех, Македонија ќе се етаблира како ракометна сила и во овие, помлади категории, и ќе им го отвори патот на идните генерации.
Квалификацискиот турнир се игра во Полска, во градот Островиец, од 09-ти до 11-ти јануари. Нашите репрезентативци веќе се пристигнати во Полска и го очекуваат својот прв меч (петок, во 16:00 часот), на кој за противник ја имаат селекцијата на Чешка. Само првопласираниот од групата ќе обезбеди пласман на СП во Бразил.
Распоред на натпревари:
На 09.01.2015, Македонија – Чешка од 16:00 часот.
На 10.01.2015, Полска – Македонија од 18:00 часот.
На 11.01.2015, Франција – Македонија од 12:00 часот.