Машката јуниорска ракометна репрезентација, денес ги продолжува настапите на квалификацискиот турнир за пласман на СП во Бразил.
По неочекувано убедливиот пораз од чешката селекција (33-22), противник во второто коло на нашите надежи е репрезентацијата на домаќинот Полска. Домаќините на овие квалификации со голем оптимизам влегоа на турнирот, но уште во првото коло доживеа убедлив пораз (29-22) од најголемиот фаворит во групата, репрезентацијата на Франција.
Имајќи во предвид дека денес ќе се сретнат две поразени репрезентации кои се со минимални шанси за пласман на СП, мотивацијата ќе биде клучен фактор за победата. Македонските репрезентативци треба да покажат дека големите надежи кои во нив ги полагаа фановите пред заминување на овие квалификации не се залудни. Работа на селекторот е соодветно да ги подготви и пред се мотивира пред денешниот дуел и, независно што шансите за пласман на СП се сведени на теорија, сите заедно да се обидат да прикажат подобра игра и да извојуваат победа.
Мечот се игра со почеток во 18:00 часот.