По одличниот меч против веројатно најдобрата ракометна генерација на сите времиња, кој за жал не беше крунисан со позитивен резултат, Македонија во недела ја очекува реванш дуел со истиот противник.
Франција со години е апсолутен фаворит речиси на сите мечеви на кои настапува. Така ќе биде и во недела, на мечот кој ќе го игра против нашата селекција во Тулуз. Пред домашните навивачи, Франција сигурно ќе се обиде да покаже атрактивна игра и со нова победа да го завери пласманот на ЕП во Послка, кој и онака практично е реалност.
Но и македонската селекција отпатува во Франција со свои сметки. Пред се да покаже дека тесниот резултат од Скопје не е никакво изненадување. Дека Македонија може да игра рамноравно и против една Франција, дури и на нејзин терен. Но, за позитивен резултат, целата селекција ќе мора да се надмине себе си.
Во Скопје блескаа крилата Македонија, па нема зошто да очекуваме уште едно такво издание. Гоце Георгиевски и Дејан Манасков беа навистина феноменални. Иако против себе ги имаа Лук Абало и Гигу, нашите ракометари покажаа дека се врни играчи и дека конечно стасаа во лидери на националниот тим. Дрски и убоити во нападот, цврсти во одбраната, тие го излудуваа противникот, особено големиот Омејер. Посакуваме иста таква партија и во Тулуз. Покрај нив, одличен беше и Стоилов, за кој веќе е јасно дека е еден од најдобрите пивотмени во Европа. Покрај нив, стандардно брилијантен беше Кире Лазаров, кој останува неприкосновениот лидер на оваа селекција, и од кој ќе се очекува најмногу и во Франција. Во нападот, мора подобра партија да пружат и Миркуловски и Прибак кои (собено Миркуловски), сепак немаа свој ден на дуелот во Скопје.
Во одбраната, што и да се каже е излишно. Против себе втор пат за само неклку дена ќе го имаме ракометниот виртуоз Карабатиќ, кој колку и да и е антипатичен на нашата публика, од натпревар во натпревар ја покажува својата класа, и потврдва дека е ден од најдобрите тројца играчи на денешницата. Кога на тоа ќе се додадат и останатите играчи како Гигу, Абало, Порте, Барашет, Лука Карабатиќ, јасно е дека македонската одбрана ќе биде пред нов тежок испит. Централниот обрамбен пар кај нашата селекција, Јоноски-Марковски, беше одличен на првиот меч, и тоа ќе мора да го повтори и во недела. Можеби конечно е време на голот шанса од самиот почеток да добие Ангелов, кој сепак е во многу подобра форма од Борко Ристовски.
Нема никакво соменвање дека Франција е апсолутен фаворит. Се освен убедлив триумф на домаќинот ќе биде вистинска сензација. Но нашата селекција игра се подобро. Со секој одигран натпревар, концептот на Ивица Обрван се повеќе се реализира на терен. Овој натпревар е убава шанса да се оди чекор понатаму во играта, пред клучните натпревари за пласман на ЕП во Полска, дуелите со Швајцарија и Чешка во јуни годинава.
Мечот ќе се одигра во недела, со почеток во 17:05, во Palais des Sports Andre Brouat во Тулуз, со директен пренос на Алфа ТВ.