Младиот хрватски ракометар, Лука Мраковчиќ е новото засилување за Металург, објави клубот на својата веб страна. 20-годишниот централен бек е досегашен играч на хрватски Замет, Уште еден млад и талентиран хрватски ракометар (191 см, 91 кг), кој своето искуство го градел низ матичниот клуб Печине, како и во Козала и во Замет.


Пресреќен сум што доаѓам во еден од најдобрите балкански клубови, а особено задоволство ми прави тоа што за тренер и учител ќе го имам најдобриот европски стратег Лино Червар. Доаѓањето во Металург го сметам како голем чекор напред во мојата кариера, бидејќи со тоа ми се остварува сонот да играм во Лигата на шампоните. Се надевам дека ќе го оправдам мојот агажман во тимот и дека ќе бидам дел од новото издигнување на клубот“ изјави Мраковчиќ, кој со Металург потпиша тригодишен договор.

Мраковчиќ бил дел од сите млади репрезентативни селекции на Хрватска, а со јуниорската селекција на Хрватска е освојувач на сребрен медал од претходното СП, што во 2013 се оджуваше во Унгарија.

Ова е шесто засилување за Металург, по десниот бек Јанко Божовиќ, голманот Даниел Дупјачанец, левиот бек Марко Матиќ, пикерот Константин Петров и српскиот голман Милош Вуковиќ. Најавен е и трансфер на младиот Кузмановски од Пелистер и уште неколку засилувања кои треба да се објават во наредните денови. Дополнително, обновен е договорот и со Пешевски.

Клубот до сега го напуштија голманот Митревски, бековите Борјан Маџовски, Раде Стојановиќ, Мартин Манасков, крилото Ојлески, а заминување најави и Дарко Ѓукиќ.