Тешка, но целосно заслужена победа за Вардар во мечот од 7-то коло од Лигата на шампионите. Конечни 34-32 за триумф над словенечки Целје и уште еден исчекор кон толку значајното второ место во групата Ц.
Како што се очекуваше, Целје се покажа како исклучително силен и достоен противник. Се мачеше Вардар да го скрши противникот во текот на целиот меч, но секој обид на домаќините да се одвојат на поголема разлика, беше пресретнуван од гостите, кои успеваа да најдат сили да го држат натпреварот во егал. Така беше се до 50-та минута, кога Вардар конечно го скрши отпорот на противникот, се одлепи на +4, па и на +5, и мирно дојде до конечни 34-32 и два нови бодови.

Иако веќе звучиме како расипана плоча кога ги анализираме мечевите на Вардар на домашен терен, но мора да се напомене – вечерва повторно гледавме извенредно возбудлив и квалитетен меч. Ова беше еден од најубавите натпревари за гледање, со луцидни напади како ретко кога. И тоа на двете страни. Брза игра, брза транзиција, разновидни напади. Тоа ја покажува и конечната листа на стрелци – вкупно 20 ракометари вечерва се запишаа во листата на стрелците, што е неверојатно и исклучителна реткост.

За разлика од нападот, одбраната и кај двете екипи не функционираше најдобро. Што како резултат на добрата напаѓачка игра, а што како резултат на слабата тактичка подготвеност, гледавме вистинско гол шоу. На наша среќа, Штербик беше подобар од двата голмани, и тоа е една од главните причини за успехот на домаќинот.

Кога има 10 стрелци во една екипа, тешко е да се издвои најдобар поединец. И покрај тоа што одигра одлично целата екипа на Вардар, мора да се истакнат Карачиќ, кој повторно беше моторот на екипата кој покрај 6-те голови, имаше и безброј асистенции. Дибиров со 7 беше најпрецизен, а по 5 голови постигнаа и Тоскиќ и Горбок. Кај Целје, најдобри беа Слишковиќ со 9 и Зарабец со 6 гола, но мора да се потенцира дека одигра одлично цела екипа, и доколку Словенците ја задржат оваа екипа во наредниот период, со 2 до 3 засилувања (особено на позицијата голман), за две години Целје ќе го гледаме во борба за Фајнал 4.

Но Вардар нема намера да чека 2 години. Вардар годинава сака да оди до Фајнал 4, а патот до таму води преку што е можно повисок пласман во групата, односно пласман на едно од првите две места. Веќе следниот викенд, со евентуален триумф на гостувањето во Русија, во последното коло за годинава, Вардар ќе има можност да се доближи на само чекор до тоа второ место.