Во меч од 12-то коло од СЕХА лигата, екипата на Металург го дочекува најголемиот фаворит за освојување на титулата во ова натпреварување, екипата на Веспрем. Кога на почетокот на сезоната, металурзите гостуваа во Веспрем, и беа убедливо поразени со 33-21, скопската публика се надеваше дека на реваншот ќе има можност пожестоко да му се спротивстави и да го совлада големиот фаворит. Но реалноста е поинаква, Веспрем со игрите на натпреварите во првите месеци од новата сезона покажа дека има екипа за големи дострели 14-15 играчи подготвени во секое време да настапат, без да се осети отсуството на некоја од ѕвездите во тимот.
Од друга страна, Металург има исклучително лимитиран состав. На последните 3 натпревари од ЛШ видовме дека Вугринец, Мојсовски и Миркуловски е стожерот на бековската линија, но и дека тие ни одблиску не можат да одиграат во висок ритам 60 минути, што е сосем нормално за сите ракометари. Згора на се, Мојсовски влече незгодна повреда на носот, Вугринец сеуште се мачи со дланката, а Миркуловски е истоштен бидејќи реално тој ја носи екипата оваа сезона и игра можеби во форма на животот.
Сепак видовме и дека младите гризат се повеќе. И во таков случај, Червар не може да згреши ако им даде уште поголема минутажа. Пред се на Филип Талески и Мартин Манасков, како и на младиот Дарко Ѓукиќ.
Колку и да е голем фаворит екипата на Веспрем, за металурзите не постои зборот „предавање“. Нивните симпатизери се навикнати да ги гледаат како се борат на теренот до последниот атом на силите и очекуваат тоа да се повтори и на неделниот дуел со унгарскиот шампион.
Натпреварот е со почеток во 19:00 часот, во СЦ Борис Трајковски.