И покрај поразот од репрезентацијата на Австрија, кој ги става Босанците во непријатна ситуација пред продолжението на првенството, ракометарите на Босна и Херцеговина силно веруваат во успех на својата репрезентација. Веруваат дека веќе на дуелот со Македонија, имаат шанси да направат позитивен резултат.
Десниот бек на репрезентацијата и соиграчот на Борко Ристевски во Кретеј, Франција, Дејан Малиновиќ беше најдобар стрелец во босанската селекција на дуелот со Австрија.
„Игравме некако мртво. Напаѓавме, но тоа не беше прав напад. Повеќе само кружевме околу одбраната на противникот и чекавме некој друг да ја совлада одбраната на противникот. Изгоревме во таа желба да победиме, да не ги разочараме нашите навивачи во Босна, но се чини дека ќе треба да стекнеме некое искуство, за некој поголем резултат“ -истакна Малиновиќ.
Сепак, Малиновиќ смета дека Босна може да дојде до успех против Македонија. „Мислам дека можеме да споиме две добри полувремиња. Не сме залутани ма овој шампионат, покажавме во одредени ситуации дека знаеме да играме ракомет. Сигурен сум дека имаме шанси против Македонија“.
И добро познатиот за македонската публика, играчот на Брест Мешков, Иван Карачиќ, верува во успех против Македонија ветувајќи дека сите ќе изгинат на теренот за да дојдат до толку посакуваниот триумф.
„На мечот со Австрија, во второто полувреме паднавме во црна дупка, од која не се извлековме. Жал ми е што ова вака заврши. Не можам да поверувам колку лошо го одигравме тоа второ полувреме. Влеговме во магичен круг од кој не можевме да се извлечеме“, изјави Карачиќ, додавајќи:
„Имавме лош период од 15 минути, но сега тоа треба да го заборавиме и во иднина таквите периоди да ги сведуваме на минумум и тогаш може да очекуваме добри резилтати. Се случуваат вакви работи во спортот. Австријците имаа повеќе среќа. Против Македонија ќе изгинеме за секоја топка“.