На СП во Катар, денес за почнува елиминациската фаза – започнуваат 1/8 финалните дуели. Велат ова е вистинскиот почеток на првенството. Така е и за Македонија, која со почеток од 16:30 игра против репрезентацијата на Словенија.

Бомбастично звучат насловите во македонските медиумиод типот „Мечот на кариерата на ракометарите“, но реално, тоа не е така. Меч од осмина-финалето за овие ракометари, не може да се каже дека е меч на кариерата. Ова е само еден од низата важни мечеви (несомнено најважен во досегашниот дел на шампионатот) на патот до успех во Катар. На патот до Олимписките игри во Рио.

Последните изјави на двајцата селектори, на играчите од двете репрезентации, ни даваат до знаење каков меч може да очекуваме денес.

Од тактички аспект, ќе гледаме судир на два различни ракометни концепти: словенечкиот “Run and Gun” со брза транзиција, контра и полу-контра по секоја цена, и македонскиот концепт на, позиционен напад, но и цврста, гранитна одбрана која ќе ги натера противниците да грешат за што е можно поголем број лесни голови преку крилата Манасков и Георгиевски. Словенците и немаат избор освен брза игра. Звучи неверојатно, но од 160 постигнати голови на шампионатот, само 9 постигнале од удари од 9 метри. Игра како создадена за нашата 6-0 одбрана која на овој меч мора да биде најдобра до сега, заедно со Борко Ристовски на голот, од кого очекуваме блесок со над 15 одбрани. Што се однесува до нападот, важно е само да се продолжи како во првите 5 мечеви – стрплива и разновидна игра, како и сведување на техничките грешки на минимум. Ако тоа го направиме пола работа е завршена.

Но нема да решава само тактиката и ракометното знаење на овој меч. Знае многу добро Дениќ дека Македонија во моментов е за нијанса поквалитетна репрезентација, па се обидува да ја добие војната на психолошки план. Но од спротивниот табор не наоѓа противник за таква „игра“. Премногу искусни и фокусирани се нашите ракометари и стручниот штаб за да наседнат на сите изјави на Дениќ, и дел од словенечките ракометари. Така треба да е и денес, со ладни глави и жешко срце, со борба за секоја топка, до победа над Словенија.

Ова можеби не е натпревар на кариерите, но ова дефинитивно е натпревар по кој ќе се оценува успешноста на настапот на ова СП. Ако победиме, тогаш може да зборуваме за успешен настап на шампионатот. Ако сепак изгубиме, ќе се заборават сите 4 победи во групната фаза, и ќе мора да заклучиме дека ова е неуспешно првенство.

За среќа, на пораз никој не помислува.

Далеку од тоа дека Македонија е толку голем фаворит на престојниов дуел па затоа не помислуваме на пораз. Напротив, Словенија е исклучително квалитетна репрезентација и тежок противник и за најсилните европски екипи. Но на овој шампионат Македонија делува сериозно, квалитетно, искусно. Овој шампионат е наш. Силно веруваме дека во Катар ќе го забележиме најголемиот успех, не само во ракометот, туку во сите екипни спортови. А првата препрека до тој голем успех е Словенија.

Одиме на победа!

Напред Македонија!!! Сите сме со тебе!