Ракометарите Вардар по поразот од Загреб вечерва на поправен испит против Војводина. Екипа која не успеа да оправда фаворитската улога против Металург пред два дена во Скопје, каде одигра нерешено 26:26. Покажаа дека имаат квалитет, но сигурно е дека тој не е на исто ниво како и на Вардар, кој вечерва важи за фаворит на натпреварот.

Тренерот Раул Гонзалес очекува тежок натпревар, пред се поради згуснатиот распоред на “црвено-црните”, кои во сабота ги очекува и мечот против Mонпелје, од Лигата на шампионите.

“Ова ќе биде уште еден тежок натпревар за нашиот тим, бидејќи ќе го играме третиот натпревар во изминатите шест дена. Посебно што немавме доволно време да се подготвиме поради СП во Катар, каде што настапија голем број на наши ракометари. Ние сме второпласирани во СЕХА ГСС лигата, но со три бода ќе бидеме многу поблиску до место на завршниот турнир. Ракометарите се изморени, но потребна ни е победа за одржување на врвната форма пред дуелот со Монпелје, во ЛШ” – изјави Раул Гонзалес.

Средниот бек на Вардар Немања Прибак, очекува нова победа за нашиот тим, против младиот и амбициозен тим на Војводина.

“Ова е специфичен период за нашата екипа, бидејќи имавме многу ракометари кои што играат на СП во Катар. Поради тоа не е воопшто не е лесно да се вратиме во препознатливата форма од првиот дел од сезоната. Очекувам нова победа, но мора да одиграме квалитетно против амбициозна и млада екипа како што е Војводина” – изјави Немања Прибак.

Натпреварот Вардар – Војводина се игра денеска од 18.30 часот, во СЦ “Јане Сандански”.