Ракометарите на РК Вардар покажаа дека мечот пред 7 дена во Полска беше само еден лош ден. И ќе беше вистинска спортска неправда, во ваква сезона, еден единствен лош ден да биде причина за рана елиминација на Вардар од Лигата на шампионите.
Во спортските ракометни кругови обично се вели дека разликата од 6 разлика е последната разлика која може да се достигне во еден двомеч. Но Вардар не до 6, броеше до +11 и целосно го демолираше својот противник. Конечни 31-20, за пласман во четвртфиналето, втора сезона по ред.
Тешко го започна мечот Вардар. Беше под притисок, под императив за победа, и тоа се гледаше во играта. Во првите 10 минути, Висла покажа дека е силен противник и успеваше да го одржи резултатот егал. Конечно, во последните 10 минути од првото полувреме, Вардар успеа да се одлепи и полувремето да го заврши со 4 голови разлика, 14-10. Во овој дел од мечот брилјираше Горбок со 7 голови од исто толку обиди. Се му одеше на Горбок од раце, го увиде тоа и знаеше тоа да го искористи.
На стартот од второто полувреме, Вардар покажа дека нема да дозволи неизвеност во мечот. Нагази уште на почетокот, особено во играта во одбрана, дозволувајќи му на противникот само 1 гол во првите 11 минути од вториот дел. Вардар резултатски се одлепи на +8, подоцна и на плус 10, и стана јасно дека Висла Плок нема што да бара на овој натпревар. Конечните 11 разлика за македонскиот претставник, ја покажуваат доминацијата во овој натпревар.
Штербик со 17 одбрани беше клучот на триумфот. Во првото полувреме бранеше неверојатни зицери, а во вториот дел целосно „ја спушти ролетната“ на својот гол. Во нападот, уште една феноменална партија имаше Душебаев со 9 постигнати погодоци, следен од Горбок со 8 гола.
Вардар во вторник ќе го добие својот следен противник, последната пречка пред толку посакуваната цел – пласман на завршниот Фајанл 4 турнир во Келн. Вака моќен Вардар нема зошто да се грижи околу следниот противник. Дојде време, противниците да се грижат и да посакуваат да не го добијат Вардар за свој противник.