Заврши уште едно интересно коло во машката ВИП Супер лига, коло после кое само дополнително се комплицираа работите околу трите места кои водат во плејофот и разигрувањето за титулата. Во последното коло во кое се очекува голема драма и неизвесност, дури 5 екипи имаат шанса за освојување на тие три места.

Засега само Зомимак-М е сигурен во плејофот со оглед на тоа дека има дури 20 бода повеќе во однос на второпласираниот Прилеп, кому сериозно му се закануваат Металург 2, Радовиш, Пелистер и Тинекс Пролет.

Пелистер дојде до значајната победа против Работнички со 33:27 и го искористи поразот на Радовиш на домашен терен од Зомимак-М со 23:29, резултат кој и тоа како му одговараше на Тинекс Пролет, кој во дербито со Прилеп дојде до голема победа и толку посакуваните бодови, кои ги приклучи во битката за една од позициите кои водат во разигрувањето.

Металург 2 со оглед на ново настанатата ситуација, ослабен по заминувањето на неговите основни ракометари загуби убедливо во Охрид со 20:30. Бодови кои многу не менуваа за охриѓани, но сепак РК Охрид ја потврдија својата одлична форма во последните кола.

Во следното воедно последно коло не очекуваат два дерби натпревари, во кои екипите меѓусебно ќе го одлучуваат патникот во следната фаза. Третопласираниот Металург 2 го пречекува четвртиот на табелата Радовиш, додека петтопласираниот Пелистер ќе гостува кај големиот ривал Прилеп кој во моментов е втор на табелата, а теоретски најлесна задача ќе има Тинекс Пролет кој гостува кај Преспа.

Резултати 17-то коло Суперлига:

  • Пелистер 33:27 Работнички
  • Радовиш 23:29 Зомимак М
  • Охрид 30:20 Металург 2
  • Тинекс Пролет 23:22 Прилеп
  • Текстилец 29:28 Преспа

Следно коло:

  • Металург 2 – Радовиш
  • Преспа – Тинекс Пролет
  • Зомимак М – Текстилец
  • Прилеп – Пелистер
  • Работнички – Охрид

Конечниот изглед на табелата, после 17-то коло на машката Супер ВИП ракометна лига:

1. Зомимак М 51
2. Прилеп 2010 31
3. Металург 2 30
4. Радовиш 30
5. Пелистер 30
6. Пролет 30
7. Охрид 26
8. Работнички 14
9. Преспа 6
10. Текстилец 4