МакРакомет разговараше со македонскиот репрезентативец Никола Стојчевски, сегашен ракометар на шведскиот Редберглидс, многу добро познат на македонската јавност и љубителите на ракометот. Разговор во кој Стојчевски ги сподели своите почетоци со ракометот, видувањата за престојните квалификации на репрезентацијата за ЕП во Полска, како и уште многу интересни работи за себе и својот клуб.

Расположен за разговор ни открива дека му недостига топлото време во Македонија, во споредба со Шведска. Кога го запрашавме за споредба на публиката таму и кај нас, дефинитивно потенцираше дека македонската публика е најдобра, за разлика од скандинавската која е помирна.

Да те навратиме во детството, кога прв пат почна да се занимаваш со спорт и дали ракометот беше твоја прва љубов?

Со ракомет почнав да се занимавам во основно школо, на возраст од 12-13 год. Во тоа време во Ресен актуелен ракометен клуб беше Јафа Промет, кој редеше многу успеси. Причина за голем дел од моите врсници да започнат да тренираат ракомет, па како и другите, така и јас почнав :-) За денес веќе тој спорт да е број 1 во мојот живот.

Твојот матичен клуб е РК Преспа, играше за Вардар и Металург… смени многу интернационални клубови, како се случи да заминеш во Шведска, Редберглидс?

Жена ми е од Шведска, и во времето кога играв во Тунис бев во посета кај нејзе. Период во кој направив неколку тренинзи со Редберглидс, по што за краток период потоа ми понудија соработка која ја прифатив.

Како е животот таму, споредливо со животот во Македонија?

Гетеборг е супер град! Брз, динамичен и нуди многу работи за исполнување на слободното време. Променливото време е најголемата разлика која ја гледам во споредба со Македонија, нешто што често е тема на разговор :)

Оваа сезона одлично играш, доказ за тоа се многубројните одлични прикажани партии, со кои укажува дека се прилагоди на скандинавскиот ракомет. Каква е атмосферата во тимот? Кои се целите на Редберглидс?

Атмосферата е одлична во тимот, тим кој е составен главно од млади играчи. Првата цел, како и минатата година, ни беше да се пласираме во плејофот. Но оваа година сакаме да одиме чекор понапред и да ја поминеме првата рунда, со што би обезбедиме пласман во полуфиналето.

Не беше дел од СП во Катар, во последен момент Обрван се премисли и те повлече од списокот на ракометарите кои настапија на првенството. Според нас незаслужено, бидејќи како што се виде на самото првенство, ни фалеше играч од твојот калибар во составот… Твое мислење за успехот на македонската репрезентација на СП во Катар, како и за престојните квалификации за ЕП во Полска?

Голем успех беше пласманот на СП во Катар, како и освоеното второ место во групата. Со малку среќа можевме да стигнеме и подалеку, но сепак треба да бидеме задоволни и горди на успехот. Во врска со ЕП во Полска, ни претстојуваат дуелите со Франција и со Чешка. Натпревари во кои треба да дадеме повеќе од 100%, дотолку сакаме да стигнеме до позитивен резултат. Сите знаеме која е Франција, меѓутоа никогаш не се знае … Шансата можеби е на домашен терен во Скопје, каде со малце спортска среќа ќе можеме да ги изненадиме светските прваци.

Со репрезентацијата на Чешка не очекува возвратен натпревар во Скопје, каде треба да покажеме уште еднаш дека сме поквалитетна репрезентација од нив. По што, дотолку нема никакви изненадување очекувам пласман на ЕП во Полска, каде ќе пробаме да направиме што подобар пласман, кој би не одвел на ОИ во Рио.

Дали има македонци во Шведска кои доаѓаат да те гледаат?

Да има, пред се на домашните натпревари.

Дотолку ти биде понудено за да играш за Вардар или Металург, дали би прифатил и би се вратил во Македонија?

Никогаш не се знае. Моментално сум тука и ми е убаво, меѓутоа не знаеш иднината што може да ти донесе.

Иако за завршување на кариерата е многу рано да се зборува, дали некогаш си размислувал каде би сакал да ја завршиш својата кариера?

Никогаш немам размислувано… Сум играл во различни средини собирајќи различни искуства во животот, но искрено немам размислувано и не ми е важно кај ќе ја завршам кариерата.

За крај, што ќе им порачате на читателите на МакРакомет?

Секако да читаат МакРакомет, да ги бодрат македонските ракометари/ракометарки и нашите клубови.