Со вчерашниот натпревар помеѓу екипите на Тинекс Пролет и Прилеп 2010, заврши четвртото коло од македонскиот плејоф. Натпревар во кој ракометарите на Тинекс Пролет уште на почетокот покажаа кој ќе си замине дома со нови бодови, а кој ќе остане без бодови. Уште на самиот почеток поведоа со 5:0, со одлична и цврста одбрана успеа во текот на натпреварот да го одржат ова водство, дури и на моменти да го зголемат на 9 погодоци. Со што сосема заслужено скопјани издвојуваа победа од конечни 27:21. Ова за Тинекс Пролет беше втора победа во плејофот, додека за прилепчани беше четвртиот пораз.

На другите два натпревари, како што знаеме во скопското дерби убедливо славеа ракометарите на Вардар против „плаво-белите“ од Автокоманда, со конечни 26:18. Очекуван резултат со оглед на разликата во квалитетот на двете екипи, но за љубителите на ракометот овој натпревар беше разочарувачки, со оглед на ситуацијата во Металург. Донекогашното супер македонско и балканско дерби, ние гледавме еден рутински натпревар за жал … но останува да веруваме дека од следната сезона ќе се врати оној вистинскиот Металург или можеби уште појак Зомимак-М, па да гледаме вистински дерби натпревари.

Струмичани уште еднаш докажаа дека оваа сезона се опасен конкурент за второто место, кое ќе ги одведе во СЕХА лигата. На домашен терен славеа победа против РК Радовиш со конечни 37:33, за нови три бода на нивното конто и приближување до конкурентот Металург.

Во плејофот ќе следува пауза поради настапите на Mакедонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство, поточно двата натпревари со Светскиот шампион Франција.

Табела после четвртото коло:

Место Екипа П Н П Поени
1  Вардар  4 0  0  12
2  Металург  3  0 1  9
3  Зомимак-М  2 0 2  6
4  Тинекс Пролет  2  0  2  6
5  РК Радовиш  1  0  3  3
6  Прилеп 2010  0  0  4  0

Фото: www.24rakomet.mk