На вчерашниот натпревар против Светскиот шампион Франција, Дејан Манасков и Гоце Георгиевски прикажаа одлична игра, како во одбраната, така и во нападот.
Нашето лево крило, Гоце Георгиевски одигра одлична партија против Франција, во која постигна 4 погодоци. Задоволен од својата прикажана игра и горд на настапот на нашата репрезетнација, си замина дома.
„Мислам дека публиката уживаше во овој натпревар, треба да бидеме горди на начинот на кој одигравме. Со кренати глави ја напуштивме салата бидејќи бевме рамноправни со светската велесила Франција, треба да продолжиме со вакви игри и во преостанатиот дел од квалификациите” – изјави Георгиевски по натпреварот.
Дејан Манасков го заврши натпреварот како втор стрелец со постигнати 5 погодоци, веднаш за нашиот капитен Кире Лазаров. Манасков меѓу другото истакна дека и покрај се треба да бидеме задоволни од резултатот кој со малку среќа можеше да биде во наша полза.
„Франција е голема екипа, знаеше како да ги казни тие ситуации во кои што бевме со играч помалку. Во првото полувреме кога имавме играч помалку ни направија серија 3-0, второто полуврме исто така кога бев исклучен јас ни постигнаа два гола. Сепак тие иако се одлепија на неколку наврати, ние тоа успеавме да го стигнеме и ете, малку среќа ни недостасуваше, промашивме некои топки и мислам дека треба да бидеме задоволни со овој резултат. Пред натпреварот рековме дека треба да дадеме се од себе и дека не е срамно да се загуби од една ваква репрезентација, битно е што не се предадовме уште пред самиот натпревар. Во тие одлучувачки моменти се почувствува замор кај некои играчи, ги направивме тие технички грешки, Французите тоа го казнија и се радуваа на крајот” – изјави Манасков.