Машката ракометна репрезентација на Македонија, го претрпе и вториот пораз од селекцијата на Франција со резултат 35:24 (17:10), во рамките на квалификациите за Европското првенство во Полска.

Нашата репрезентација на овој натпревар, во поголемиот дел од првото полувреме беше рамноправен противник и се играше гол за гол. Кон крајот на првите 30 минути следуваше пад во играта и концентрацијата на нашите ракометари и тоа го искористија домаќините и заминаа со водство од 7 разлика на заслужен одмор 17:10. Второто полувреме во потполност помина во доминација на домаќинот, со исклучок на мини серијата на нашите ракометари на почетокот на вториот дел, кога успеаа разликата да ја сведат на 3 голови разлика. За пресврт немаа сили, по што следеше повторен пад во играта, проткаен со низа технички грешки кои противникот немилосрдно ги претвори во голови. Од минута во минута разликата се зголемуваше за да на крајот овој натпревар заврши со резултат 35:24.

Она што треба да се истакне е тоа што овој натпревар изобилуваше со убави акции и атрактивни голови од страна на двете екипи, а крајниот резултат и разликата од 11 голови не го отсликува вистинскиот квалитет што го поседува нашата репрезентација. Денес за жал свој ден немаа нашите голмани, кои заедно на овој натпревар имаа дури 5 одбрани.

Најефикасни на овој натпревар беа Кирил Лазаров со 10 постигнати голови, а за Франција Никола Карабатиќ кој постигна 6 голови.

Селекцијата на Франција со оваа победа го осигура своето учество на Европското првенство во Полска, додека нашата репрезентација ќе ја бара својата шанса во мечевите против репрезентациите на Швајцарија и Чешка, кои на програмата се во втората недела од јуни.