Капитенот на ракометната репрезентација, Кире Лазаров го оствари својот сон. Долго време чекаше за титула во Лигата на шампионите па со вчерашната победа со Барса во финалето против Веспрем посебно ја доживеа. По славјето во големото финале од Лигата на шампионите облеан со емоции изјави дека оваа титула ја посветува на својот починат татко.

„Имав пех на почетокот од мечот, почувствував болка во листот од десната нога, се обидов да се вратам, и стручниот шатб инсистираше, но болката беше посилна. Но како што реков и вчера ние сме тим, еден ден ќе блесне еден, друг ден друг ракометар, важен е колективот. Оваа година играме многу тимски, мислам дека се запознавме, ги отфрливме инвидуалностите кои ги имавме минатата година и успеавме да дојдеме до европската титула. Сакам да им се заблагодарам на моите пријатели, моите најблиски, мојата фамилија кои секогаш беа покрај мене во текот на кариерата и секако на мојот татко, кој е починат, но и е најзаслужен за тоа што сум денес. Ова е трофеј за него” – изјави Лазаров.