МакРакомет во разговор со македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, дознава повеќе за неговото адаптирање на француското првенство, начинот на живот и неговите планови како на клупско, така и на репрезентативно ниво.
1. После сите случувања со Металург, во вториот дел од сезоната замина во Тулуз, Франција. Како е животот таму, споредливо со животот во Македонија?
Па добро, не може да се спореди животот овде, со животот во Македонија. Во секој поглед е поинаку, луѓето, менталитетот, културата и многу други работи.
2. Одлично се снајде во новата околина, доказ за тоа се одличните прикажани партии во дресот на Тулуз, кои ти донесоа уште една година договор со францускиот прволигаш. Честитки! Каква е атмосферата во тимот? Кои се целите на Тулуз? (се збори дека ќе се прават промени и донесат нови играчи во екипата, за што подобар тим следната сезона)
Секако на почетокот ми беше се чудно, бидејќи за прв пат во мојата досегашна кариера настапувам за друг клуб и тоа во странство. Но, како одминува времето, полека се прилагодувам во екипата и на начинот на живеење. Можам да кажам дека соработувам со прекрасни луѓе и сум одлично прифатен од нивна страна, а атмосферата во тимот е позитивна. За разлика од оваа сезона, амбициите за наредната сезона се повисоки. Ќе имаме смена на тренерското место, но и неколку засилувања. Искрено се надевам дека ќе имаме многу поуспешна сезона од оваа и ќе се бориме за местата кои што носат натпревари во Европските купови.
3. Што мислиш за француската публика?
Француската публика е многу поразлична од нашата публика. Тие си имаат некој нивни начин на навивање и бодрење на екипите. Прават една фантастична атмосфера во салата.
4. Дел си од македонската репрезентација, пред вас престојат два клучни натпревари во месец Јуни за квалификациите на ЕП во Полска. Најпрвин гостување во Швајцарија, а потоа на домашен терен ќе ја пречекаме репрезентацијата на Чешка. Каква е атмосферата во репрезентацијата? Верувате ли во пласман на ЕП во Полска?
Како што кажавте, пред нас се два клучни натпревари кои мораме да ги добиеме за да можеме да се пласираме на Европското првенство во Полска. Првиот натпревар го играме против Швајцарија на гостински терен каде што ја имаме улогата на фаворити. Сето тоа мораме да го покажеме на теренот и да го потврдиме тој статус на апсолутни фаворити. Вториот натпревар ни е против репрезентацијата на Чешка, но овој пат на домашен терен. За овој натпревар можам да кажам дека ќе биде доста тежок и неизвесен, ја познаваме нивната игра, но јас верувам дека можеме да ја совладаме Чешка пред нашата верна публика.
5. Како и секогаш доаѓа време за смена на генерации, на оваа наша генерација и се бројат деновите. Tи си еден oд oние кoи пo вoзрaстa ќе јa предвoдaт трaнзицијaтa т.е пoдмлaдувaњетo вo репрезентaцијaтa. Како гледаш на потенцијалот кај младите ракометари? Треба ли да стравува македонската публика, во врска тоа?
Смената на генерацијата е нормален природен процес во секоја репрезентација. Во овој момент ние сме на тој пат, каде што за извесно време тоа ќе се случи и на местото на поискусните играчи ќе дојдат помлади кои ќе имаат многу важна улога во репрезентацијата. Тие ќе имаат тешка задача, а тоа е да продолжат по патот на претходната генерација и да се стремат кон остварување на уште повисоки цели, затоа што Македонија е дефинитивно ракометна нација.
6. Имa ли мoжнoст вo иднинa пoвтoрнo дa те видиме вo дресoт нa Метaлург? Или мoжеби вo некoј друг мaкедoнски клуб?
Искрено не размислувам за тоа во моментов. Фокусиран сум само на случувањата во мојот клуб со кој неодамна потпишав нов договор. Сепак никогаш не знаеме што ни носи животот, па така не ја исклучувам можноста еден ден да се вратам во Македонија и да настапувам во некој од нашите клубови.
7. За крај, што ќе им порачате на читателите на МакРакомет?
На читателите на МакРакомет им порачувам се најдобро и да читаат, да се информираат за сите настани поврзани со ракометот во Македонија.