Екипата на ракометниот клуб Металург, кој во изминативе години доби епитет „ново европско изненадување“, оваа сезона ја почнува со целосно изменет состав. Од последните две години клубот го напуштија точно 25 ракометари, а причина за сето тоа е онаа се чини „неминлива финансиска криза“.

Минатогодишниот неуспех во натпреварувачка сезона, освојувањето на непосакуваното 3-то место, како и онаа финансиска криза беа доволни причини клубот да го напуштат уште 7-8 клучни ракометари. Клубот го напуштија голманот Митрески, Ојлески, Војводиќ, Голубовиќ, Вргоч, Џукиќ, Ефендиќ и Борјан Маџовски. Иако клубот се наоѓа во тешка финансиска криза, сепак најголем оптимист е тренерот Лино Червар, кој смета дека токму сега подмладениот состав на Металург е желен за предизвици.

Металург оваа сезона се засили со одличниот и искусниот ракометар Јанко Божовиќ, кој доаѓа од екипата на Брест Мешков. Освен Божовиќ, Металург се засили со уште неколку млади ракометари Марко Матиќ, Лука Мрачковиќ, Милош Вуковиќ, Кемал Фазлиќ, Даниел Дупјачанец, како и со нашите Антонио Пешевски, Костантин Петров и Филип Кузмановски.

Екипата на Металург своите подготовки ги започна во Маврово, а потоа беше гостин и на два силни турнира, едниот во Бурса, Турција и другиот во Скопје, на кој организатор беше екипата на РК Вардар. Во оваа нова сезона екипата на Металург ќе биде дел од елитното натпреварување – Лигата на шампионите. Металург се наоѓа во групата Д заедно со екипите на Скјерн, Мотор Запорожје, Кадетен Шафхаузен, Баја Маре и Елверум Хендбал.

Својот прв натпревар во Лигата на шампионите Металург го има на 19-ти Септември во улога на гостин против еипата на Мотор Запорожје, а потоа го пречекува тимот на Кадетен Шафхаузен на домашен терен.

Тимот на МакРакомет му посакува на РК Металург успех во новата сезона во Лигата на шампионите и во натпреварувањето во нашата Супер лига.

Фото: www.rkmetalurg.mk