По убедливиот пораз од Мешков Брест во салата „Парк“, ракометарите на РК Струмица ги очекува уште потежок противник. Екипата на ППД Загреб, која вчера го декласираше германскиот гигант Кил на домашен терен со 29:22.
За да биде уште потешко, екипата на РК Струмица заминува во Загреб без двајца клучни играчи, поради повреда ќе отсуствуваат Мирко Мајиќ и Игор Милосављевиќ. Неизвесен е Дејан Пецаковски кој има ситна повреда на задната ложа, за која се надеваат дека ќе биде санирана и дека во сабота ќе го гледаме на терен.
Фаворит на овој натпревар е одамна познат, но тоа не мора да значи дека ракометарите на РК Струмица треба однапред да се предадат. Едноставно на вакви натпревари, мораат да одиграат на едно високо ниво и да ја зголемат својата самодоверба и искуство за престојните натпревари од СЕХА лигата.
РК Струмица досега освои само еден бод, против Војводина, во првиот меч, а оттогаш загуби од Вардар, Татран и од Мешков Брест.
Натпреварот ППД Загреб – РК Струмица ќе се одигра во сабота од 18:00 часот.