Со пораз од 6 голови разлика, 30-24, екипата на Металург ги започна натпреварите во овогодинешната Лига на шампиони. Екипата на Мотор ја оправда улогата на фаворит во овој дуел, и сосем заслужено дојде до победата и први 2 бода.

Со исклучок на првите 10 минути, кога Металург беше рамноправен противник, малку заради својот квалитет, повеќе заради грешките на противникот, Мотор доминираше во текот на мечот. Откако во првата половина од првото полувреме беа постигнати навистина малку голови, во периодот од 15-30та минута Мотор ја зема контролата над играта и резултатот и на полувремето замина со предност 13-9. Во второто полувреме, немаше дилеми одколу победникот. Металург безидеен во нападот, и исклучително слаб во одбраната, немаше шанси против солидниот домаќин. Конечните 30-24 дури и не ја отсликуваат разликата во квалитет на овој меч, имајќи во предвид дека Металург имаше и 9 голови негатива околу 50-та минута.

Кај Металург се истакна Јанко Божовиќ со 10 погодоци. Втор стрелец беше Матиќ со 5 гола, но и премногу непотребни удари и потрошени топки. Од македонските ракометари, мора да се потенцира се подобрата игра на крилата Бојан Маџовски и Никола Костески, а сосема солиден беше и Горан Крстевски, кој максимално ја искористи малата минутажа, и се чини мора да добие позабележителна улога во наредните мечеви.

Кај домаќините најпрецизен беше Бурка со 9 голови, пред Маласинскас со 5 и Денисов и Шелменко со по 4 постигнати голови.

Ова беше прв официјален меч на Металург сезонава во сите натпреварувања, па треба да се има трпение за овој нов тим да покаже што навистина знае. Сепак, дури и ако симпатизерите на Металург имаат трпение и време да сочекаат овој тим да созрее, Лигата на Шампиони не чека. Металург доби вајлд карта и мора да ја искористи и да го одбрани високиот рејтинг на македонскиот ракомет.

Шанса за поправен ќе има веќе наредниот викенд, кога на домашен терен ја пречекува екипата на Кадетен Шафхаузен,во меч во кој победата е императив.