Можеби е рано, се наоѓаме на самиот почеток на сезоната, но ние во МакРакомет, уште сега будно ќе ги следиме настапите на нашите актуелни и потенцијални репрезентативци. Особено што во јануари амбициите на македонската репрезентација се навистина големи. За жал, на почетокот на сезоната, работите не изгледаат сјајно за репрезентацијата.
Капитенот Кирил Лазаров е единствениот кој блескаше. Во поразот на Барселона од Флензбург, Лазаров беше најдобриот поединец со 6 постигнати голови, кои за жал беа недоволни за триумф на актуелниот европски првак. Сите останати играчи кои ја сочинуват бековската линија (или се борат за влез во репрезентацијата) немаат со што да се пофалат. Миркуловски не играше за Вецлар на последниот натпревар ради повреда, Мојсовски сеуште не игра во Катарскиот шампионат, Филип Лазаров не беше ни во првите 16 играчи на Вардар. Од оние кои играа, Прибак беше солиден во поразот на Бешикташ во ЛШ од Цеље, со 3 постигнати голови, Талески имаше солидна минутажа за Металург во дуелот со Мотор, но без значаен ефект.
Кај крилата, Манасков не играше за Вардар во ЛШ, додека на последниот меч во домашното првенство, Гоце Георгиевски постигна 4 гола за Тулуз и се чини дека заедно со Лазаров е најконстантниот наш репрезентативец. Тука мора да се спомне дека двете крила на Металург, Маџовски и Костески, кои играат по 60 минути и покажуваат спортска дрскост и квалитет и сигурно, ако продолжат во ова темпо, ќе се наметнат на селекторот Обрван.
Од пикерите, Стоилов имаше мала минутажа, но таа сигурно ќе расте како што ќе одминува сезоната, додека останатите два пикери се далеку од потребното ниво (Пешевски одигра уште еден лош меч за Металург, додека Никола Марковски нема (ниту ќе има) доволно силни мечеви во дресот на Работнички.
И на крај, на кратко за голманите. По две кола во францускиот шампионат, Борко Ристовски е сосем солиден со 30% одбранети удари, Никола Митревски е солиден на голот на Бенфика, додека Петар Ангелов, поради повреда не беше во тимот на Вардар за мечот од ЛШ.
Од специјалистите за одбрана, радува минутажата на Јоноски во германскиот шампионат, додека Велко Марковски, слично како и брат му, ќе има проблем со силни натпревари во екипата на Работнички.
Има уште неколку македонски ракометари кои ќе можат да му се наметнат на селекторот и чии настапи ќе ги следиме со внимание.
Од она што го видовме во изминативе 10 дена, Обрван не може да биде среќен. Сите се сеќаваме на неговите бурни изјави минатата сезона околу (не)играњето т.е малата минутажа на репрезентативците кои тогаш настапуваа за Металург. Сега, ситуацијата е чини дури и полоша. Сепак, има време до ЕП во Полска. Останува да се надеваме дека македонските репрезентативци до тогаш ќе се наметна во своите клубови и колку е можно поподготвени ќе го дочекаат шампионатот.