Со нетрпение го очекувавме првиот меч на Вардар во овогодинешната сезона. Сезона во која сите искрени љубители на ракометот во Македонија, посакуваат да го видат македонскиот шампион на завршниот турнир во Келн.

И, на задоволство на сите, Вардар не разочара. Напротив – делуваше импресивно. На моменти, застрашувачки добро.

Нашата екипа, тешко го започна мечот во Франција, против најтроферната француска екипа Монпелје. Домаќинот поведе од самиот старт и го одржуваше водството се до полувремето (12-9). И потоа, во вториот дел го видовме вистинскиот Вардар. Цврст во одбраната, со Штербик на голот, и фуриозен во нападот. Дибиров, Деревен, Македа, Тоскиќ…. мрежата на противникот беше решетана од сите страни.

Вардар потврди и на терен – оваа сезона навистина е моќен. И минатата година имаше силен ростер, но сега располага со 16 играчи кои можат да одиграат на исто, највисоко темпо цел меч, без тоа да се почувствува на резултатот. Кога во Лигата на шампионите ќе се освојат 2 бода на гостински терен, против кој и да е противник, треба да се пофали целата екипа. Сепак мора да се истакнат неколку имиња.

Ќе тргнеме од Македа и Деревен. Уште во прво коло овие двајца играчи покажаа какви засилувања донесе Вардар годинава. Се чини токму тие се она што му недостасуваше на Вардар лани, и конечно годинава Вардар е комплетен за Ф4.

Покрај нив, мора да се потенцираат Дибиров, феноменален во одбраната, убиствен во контранападот, Штербик, брилијантен на голот, Карачиќ, мозокот на оваа екипа и Тоскиќ, како вистински разбивач на линијата од 6 метри.

И да не биде се мед и млеко, како вистински љубители на македонскиот ракомет, не може, а да не потенцираме дека поразителен е фактот што Манасков не доби шанса, а Стоилов не одигра повеќе. Но сезоната е долга, па има време и двајцата да се изборат за поголема минутажа и стандардно место во оваа навистина страшна екипа.

Лигата на шампионите сезонава е навистина целосно изедначена. Особено групата на Вардар, во која има најмалку 5 екипи кои можат да бидат на било кое од првите 5 места. Тоа го покажуваат и поразите на првите 2 фаворити во групата на Вардар, Барселона и Киелце, кои со по еден гол разлика загубија од Рај-Некар Левен односно Пик Сегед.

Токму унгарскиот Пик Сегед е следен противник на Вардар, во недела, во салата Јане Сандански во Скопје, кога сите се надеваме дека Вардар ќе ги освои новите 2 бода и сериозно ќе се наметне за освојување на првото место во групата.