Македонскиот шампион Вардар, со секој одигран натпревар, се посериозно ја истакнува својата кандидатура за пласман на завршниот турнир на овогодинешната Лига на шампиони. Рака на срце, сеуште е рано, одиграни се само две кола, а реално Вардар се нема сретнато со некој од главните фаворити сезонава. Но и она што до сега го видовме, особено на вториот меч е доволно да кажеме дека Вардар е на вистинскиот пат.
А што всушност видовме на дуелот со Пик Сегед? Видовме цврста, речиси непробојна одбрана на играчите на Вардар, која и кога беше надиграна од противникот, на голот го имаше феноменалниот Штербик, да ја угасне и последната надеж на противникот за можен пресврт. Штербик имаше 15 одбрани, и иако беше несомнено заслужен за триумфот, реално, играчите завршија голем дел од работата затварајќи го „мозокот“ на Пик Сегед, Словенецот Деан Бомбач.
Се чини дека одбраната и на овој, како и на мечот со Монпеље, е подобар дел од екипата на Вардар. Во нападот, очигледно на Вардар му е потребно повеќе време да се воиграат. Како што е многупати кажано до сега, индивидуалните квалитети и широчината на ростерот на Вардар му даваат многу можности на тренерот Раул Гонзалес. И тоа е доволно за триумф на екипи како Монпелје и Пик Сегед. Затоа и добро е што Вардар во првите кола игра со силни противници, но сепак екипи кои не спаѓаат во редот на 5-6 екипи кои имаат јасна цел да се најдат на завршниот турнир. Во неделата, токму индивидуалните квалитети на Карачиќ и Циндриќ беа најзаслужни за триумфот на Вардар. Како и на мечот со Монпелје, своја вечер во нападот немаше Дибиров, кој иако постигна 4 голови, промаши неколку зицери. Вредно за напомена е и настапот на Манасков, кој, на задоволство на домашната публика, го замени Дибиров во втората половина од второто полувреме, и постигна 2 гола, покажувајќи му на тренерот Гонзалес дека може многу повеќе да се потпре на неговите квалитети. Истовремено, за секоја критика е одлуката на Гонзалес, неиграњето на Стојанче Стоилов, кој во неделата не помина ниту една минута на теренот. Се надеваме, како и сите фанови на македонскиот ракомет, дека во иднина тоа ќе се смени.
Генерално кажано, Вардар сеуште не игра течно. Но и со таква игра, лесно и рутинирано забележа две победи во првите 2 кола и заедно со ППД Загреб и Рајн-Некар Левен, е единствената екипа без пораз во А и Б групите од ЛШ. Впрочем, тоа е главната особина на големите екипи – во овој дел од сезоната, и при недостигнат врв на формата, да се победува, да се освојуваат бодови и од меч во меч да се подига квалитетот на игра.
Следи мечот во Шведска, против Кристијанштад, уште една екипа која, според името, според играчкот ростер, би требало да е аутсајдер во дуелот со Вардар. Сепак, на терен, во првите 2 кола Кристијанштад не признава фаворити. Го демолираше Колдинг со 33-26, а на гостински терен минимално загуби од Барцелона со 34-32. Имајќи го тоа во предвид, убедени сме дека Вардар ќе одигра уште еден квалитетен натпревар и ќе дојде до третиот триумф, сериозно наметнувајќи се за освојување на првото место во групата Б.
Фото: Мартин Димовски ( @Lacialec )