Со препознатлива игра во одбраната – цврсто, подвижно и пред се пожртвувано, екипата на Металург стигна до нова, втора по ред победа во Лигата на Шампионите. Конечни 22-19 за два бода, и барем привремено, качување на врвот на табелата на групата Д.

Како што се најавуваше, ова беше тежок натпревар за Металург. Иако, по големиот пораз на Елверум на минатиот меч од Скјерн, постоеше мислење во дел од ракометната јавност дека Металург ќе дојде полесно до двата бода, сепак се покажа дека Червар беше во право кога бараше внимателност и целосна мобилизација меѓу своите играчи. Од самиот почеток се виде дека Металург игра тешко. Особено беше тоа видливо во нападот, каде по почетните 2-1, Металург влезе во период од 10 минути во кои не можеше да постигне гол. Сепак, и покрај „сушниот“ период, добрата одбрана го држеше Металург во игра. И кога одеше тешко во одбраната, потегна капитенот Пешевски, кој овој меч, особено во првото полувреме, одигра најдобро сезонава. Откако речиси целото полувреме се одигра во егал ситуација, Металург повторно „падна“ на самиот крај на полувремето и гостите заминаа со водство од 12-10 на полувремето.

Што се случувало во соблекувалната на полувремето, можеме само да претпоставиме, бидејќи во вториот дел, на теренот гледавме друга екипа. Одбраната на Металург беше феноменална, што покажува и фактот дека до последната минута на мечот, Металург имаше примено само 5 гола. Во одбраната особено се истакна Кузмановски, кој се повеќе се наметнува во тимот на Металург. Но не само Кузмановски, туку и сите останати беа феноменални во одбраната – Куковски, Матиќ, Мраковчиќ, Маџовски и Костески. И во нападот се одигра нешто подобро, Матиќ постигна неколку важни голови, Мраковчиќ повторно одличен, Костоски и Маџовски истрчаа 3 неколку контри, и тоа резултираше со победа. Оваа победа добива на тежина ако се знае дека најдобриот играч на Металург Јанко Божовиќ, се повреди рано во првото полувреме, и не можеше во полна сила да им помогне на соиграчите.

Логично, задоволен од триумфот беше тренерот Червар, кој по мечот изјави: „Среќен сум со оваа победа. Игравме денес практично без Божовиќ кој го повреди зглобот уште во првиот дел, Мраковчиќ беше повреден, но играше. Мојот тим денес покажа еден добар ракомет. Посебно одбраната. Нашата одбрана беше агресивна, силна и тоа го реши овој меч. Им благодарам на сите. Филип Кузмановски денеска беше одличен, крилата беа одлични, Бувиниќ беше подобар од претходно, на крај и Матиќ даде значајни голови. Два меча, две победи тоа е голема работа за моите млади ракометари. Им благодарам на сите, на играчите и на публиката за поддршката“.

Следниот меч во Лигата на шампионите Металург го игра наредниот викенд, на 11-ти октомври, во Данска, против еден од главните фаворити во групата Д, екипата на Скјерн.

Фото: Мартин Димовски ( @Lacialec )