Ракометарките на ЖРК Вардар во сабота од 20:15 часот во СЦ „Јане Сансански“, против Ѓер ќе ја отворат долго очекуваната нова сезона во Лигата на шампиони.

После подготвителниот период, во кој Индира Кастратовиќ и Јан Питлик имаа доволно време да работат со девојките и да ги подготват за престојната сезона, следува да видиме какви резултати придонесле сите тие пријателски натпревари кои ги одигра екипата на ЖРК Вардар.

Подобро отварање не можевме да добиеме, против главниот конкурент за првото место во нашата група, во која се уште Хипо и Митјиланд. Натпревар во кој исклучително значајни се бодовите да останат во Скопје, како што изјави Индира, која истовремено ја повика публиката да дојде во што поголем број и да ги бодри.

„Мислам дека Ѓер е главниот конкурент на Вардар во оваа група, а дополнително е тешко тоа што ова е прв натпревар, секогаш првиот е најтежок. Ете мораше да биде со Ѓер и среќа што го играме на домашен терен и јас најискрено се надевам дека салата ќе биде полна и ја повикувам публиката да дојде во што поголем број и да нѐ бодри“ – вели Индира.

Можеби минатата сезона одигравме нерешено на нивни терен и на домашен терен убедливо ги совладавме, но мора да се потенцира дека тогаш екипата на Ѓер имаше проблеми со повреди на клучните играчи, со што придонесе до тој резултат. Сега доаѓаат во полн состав, на чело со капитенот Анита Горбиќ која се врати после повредата, како и Хејди Локе и Анико Ковачич кои ќе бидат најопасните во нападот.

Очекуваме тежок и тврд натпревар, во кој нашите девојки ќе успејат да ги израдуваат љубителите на ракомет.