Дербито на првото коло во женската ракометна лига на шампиони помеѓу Вардар и Ѓер, заврши со убедлив триумф на гостинките од 22-27. Доминантно од 1-та до 60-та минута, Ѓер успешно го стартуваше походот на новата титула.

Од самиот старт на мечот, Ѓер беше подобар противник. Стартуваше моќниот гостински тим без главните ѕвези од минатите сезони Аморим и Горбич, кои сеуште не се во полна форма, но тоа воопшто не им пречеше. Цврсто во одбраната и силно во нападот, Ѓер веднаш ја зема контролата над мечот во свои раце. Поведоа со 3-1, што делуваше отрезнувачки кај Вардарки, кои со два брзи гола израмнија, но потоа како да застанаа. Многуте технички грешки во нападот (неколку пати чекори, како и многу лоши и непрецизни додавања) и порозната одбрана беше причина гостинките од минута во минута да го зголемуваат водството и да дојдат до максимални 4 голови предност во 20-тата минута од мечот, 7-11. Следи период во кој Вардар играше 2 минути со два играча повеќе, кој го искористи да постигне 2 гола и да намали на 9-11. Имаше Вардар полуконтра, но Ихнева ја погоди стативата. До крајот на полувремето, Ѓер се стабилизираше, повторно поведе со 4 разлика (13-9), а Вардар преку Пенезиќ успеа да намали на 13-10, што беше резултат на полувремето.

Залудно навивачите на Вардар се надеваа дека во второто полувреме, може домаќинот да одигра подобро. Ѓер продолжи силовито и веќе по само 8 минути игра имаше предност од 5 голови. Индира Кастратовиќ мораше да викне тајм-аут, да се обиде да ги смири своите играчи, но се беше залудно. Кога во 43-та минута резултатот на семафорот стоеше 15-22, на сите во салата им беше јасно дека победникот е решен. Како и во текот на целиот меч, така и во последните 15 минути, тренерот на гостинките ги изротира речиси сите свои играчи (најпознатата меѓу нив, Горбич, сепак не влезе во игра), но тоа не ги спречи Унгарките да ја задржат својата предност и на крајо, рутинирано да дојдат до победа од 22-27.

Ковачич со 6 гола беше најдобра кај извонредната екипа кај Ѓер. Сите други придонесоа за нивниот голем триумф, но мора да се потенцира Локе, која со 5 голови, сите во првото полувреме, лесно излегуваше со очајната одбрана на домаќинот. Кај вардарки, Лејно беше најдобра со 13 одбрани. Најдобар стрелец со 5 гола (сите од пенал) беше Маја Сокач, пред Пенезиќ со4 и Дамкановиќ со 3.

За 7 дена, во Австрија, Вардар го игра мечот од второто коло со екипата на Хипо, меч на кој очекуваме Вардар да се рехабилитира за поразот и да ја забележи првата победа во Лигата на шампиони.