Во второто коло од Лигата на шампиони во женска конкуренција, екипата на Вардар гостува кај Хипо, во обид да се освојат првите бодови во групата. Разочарувачката игра и болниот пораз од Ѓер во првото коло, останува зад Вардарки. Во пресрет на денешниот натпревар, левото крило на ЖРК Вардар, Сираба Дембеле очекува Вардар да биде сѐ подобар и подобар од натпревар во натпревар и дека тоа што го видовме против Ѓер е најслабото лице и нема да се повтори.
„Мислам дека полошо од првиот натпревар не можеме да играме и затоа моите надежи се дека ќе бидеме подобри и подобри во секој нареден натпревар“ – изјави Дембеле за официјалниот сајт на ЖРК Вардар.
Објективно гледано, Австрискиот шампион е најслабата екипа во групата. Од екипата која во 90-те жареше и палеше по Европа, останати се само спомените. Овој тим на Хипонидеростерајх нема капацитет за големи постигнувања. Особено во вака силна група со Митјеланд, Ѓер и Вардар. Тоа сепак не значи дека тие ќе бидат лесен противник, особено на домашен терен.
„Не знам за Хипо и не треба да гледаме како играат тие. Мора да се фокусираме на нашата игра и да се обидеме секогаш да го играме најдоброто што го можеме. Ако играме така мислам дека можеме да победиме секого, дури и кога играме на гости“ – изјави Дембеле за официјалниот сајт на ЖРК Вардар