Тренерот на Металург, Лино Червар по натпреварот на прес конференцијата им ја честиташе победата на Баја Маре и жали што не успеаја да победат пред одличната публика која беше денес во СЦ „Борис Трајковски“.
„И честитам на екипата на Баја Маре за победата. Вложија многу труд, посебно во одбраната. Цело време ја бркавме разликата, па дури и водевме. Очекував повеќе од поискусните играчи. Жал ми е, тешко беше против високата одбрана на противникот. Беше тешко да се одбраниме. Немавме вистински разигрувач. Изгубивме многу топки, многу технички грешки, ефтино ги примивме последните голови. Жал ми е што не победивме пред оваа прекрасна публика. Во секој случај, треба да извлечеме поука и во наредните натпревари да играме уште подобри“ – рече Червар и дополни:
„Не смееме да губиме надеж поради тоа што загубивме со мала разлика. Едноставно не им беше денот на двајца клучни постари играчи. Ова е сепак дел од кариерата на младите играчи и само вака ќе научат. Ќе треба време да се поработи на самодовербата, оваа постава на Металург минатата година губеше на младински првенства по 15 разлика, а сега со минимални 1-2. Ќе ни требаат многу тренинзи и напорна работа, но добро е што сакаат да работат и да учат од поискусните интернационалци“.