Ако до пред само 2 кола, Вардар беше цврсто на првото место во групата Б, грабејќи кон што е можно подобра позиција за елиминациските дуели пред Ф4, со двата пораза од Барселона се се смени. Вардар сега е на делба на третото место, заедно со екипите на Пик Сегед и Киелце, и еден бод зад Рајн-Некар Левен. И сосем е јасно дека во директните дуели на овие 4 екипи, ќе се одреди пласманот од второто до петтото место. Вардар е во најтешка положба, бидејќи со сите три екипи ќе игра на гостински терен.

Првиот од тие мечеви е денешниот дуел со Киелце. По тешкиот пораз што Киелце го доживеа во Скопје од 34-24, полскиот шампион и пред се неговиот тренер Талант Душебаев се желни за реванш. Во Скопје, Киелце не само што ги загуби бодовите, туку и беше комплетно надигран, меѓудругото благодарејќи на Раул Гонзалес, кој ја доби битката со својот долгогодишен пријател Душебаев. Но денешниот меч во Полска е нешто сосем друго.

Од аспект на ростерите на двете екипи, ќе има одредени промени. За Киелце ќе настапат Зорман и Лијевски, кои не настапија на мечот во Скопје, а се значаен дел од машината на Киелце. На спротивната страна Вардар ќе го нема Карачиќ, па целата тежина во организација на нападот ќе мора да ја преземе Циндриќ, а веројатно поголема минутажа на оваа позиција ќе добие и Македа. Отсуството на Карачиќ е практично единствената непознаница за тренерите во пресрет на овој дуел, имајќи во предвид дека тие, исто како и играчите, одлично се познаваат меѓу себе.

Киелце сезонава не игра така добро како минатата. За потсетување, полскиот шампион лани имаше 100% учинок во групната фаза. Годинава, веќе има два порази и два нерешени мечеви, но и конкуренцијата е сосем поразлична од минатата година. Сепак, Киелце има искусна екипа и добар тренер кои знаат како да одиграат на клучни натпревари. Еден од тие е токму денешниот со Вардар. Денес нема да се знае крајниот исход на табелата, но победникот ќе стартува од пол позицијата во трката за второто место, со погоре споменатите 4 екипи.

Во случај на триумф, Вардар ќе биде во одлична позиција во пресрет на последните 5 кола и со Рајн-Некар Левен веројатно ќе се бори за значајното второ место во групата. Во спротивно, во зависност од останатите резултати викендов (особено дуелот Монпеље-Пик Сегед), Вардар може да падне дури на 5-то место во групата. Она што е најважно, е играчите на Вардар психички да се подготвени по двата исклучително тесни порази од Барселона.

Дали е тоа така, ќе видиме за неколку часа. Мечот е со почеток во 16.00 часот, со директен пренос на МРТ1.