27 Мај 2015 година
Почнуваме од датумот кога ракометарите на тогашен Зомимак-М извојуваа голема победа против Металург со 21:20, со која струмичани им се реваншираа на актуелниот првак за поразот од 22-21 во Автокоманда. Па поради еден постигнат гол повеќе на гостински терен станаа вице-прваци на Македонија и добија учество во регионалната СЕХА лига. Со тоа Зомимак-М започна нова историја во македонскиот ракомет, на најголема радост на струмичани и првиот човек на овој клуб, Славе Гошев. Ова преставуваше мал шок за повеќето љубителите на македонскиот ракомет, но им дадоа шанса и поддршка (ги исклучуваме фановите на Металург) за доброто на македонскиот ракомет и неговиот напредок!
13 Август 2015 година
После мирното лето и сите големи очекувања/пофалби кои се ширеа за струмичката екипа, дојде ред на еден вистински тест да се види со каква сила располага веќе новобрендираната РК Макс Струмица. Настап на 43-то издание на ракометниот турнир „Струга 2015“, каде го зазедоа местото на РК Металург, кој го откажа своето учество. Турнир на кој ракометарите на РК Макс Струмица забележа само една победа над екипата Динамо Букурешт (25:24), а загубија во првиот натпревар минимално од Бешикташ (19:18) и во борбата за третото место против Бенфика (31:27). Натпревари во кои покажаа дека поседуваат квалитет, но дека потребна е многу работа дотолку сакаат поголем успех во СЕХА регионалната лига. Задржувајќи го костурот на екипата и продолжувањето на договорите со Чантуриа, Везенковски, Милосављевиќ, Трајковски, Пецаковски и со трите засилувањата Мајиќ, Николиќ и Куленовиќ, како и решавање на сите проблеми кои им ги посочи инспекцијата на СЕХА лигата, со нетрпение го чекаа почетокот на новата сезона.
31 Август 2015 година
Историски ден за струмичани, дата на која го одиграа првиот свој натпревар во СЕХА регионалната лига на домашен терен, против екипата на Војводина. Натпревар во кој се виде неискуството на играчите, со голем број падови во играта и минути кога се играше добар ракомет, кој се резултираше со прво реми во новата сезона. Иако ја имаа победата во своите раце, но неискуството пред се на тренерот Андонов, ракометарите на Војводина го искористија тоа и за 4 секунди постигнаа гол за реми и конечни 25:25. Натпревар после кој сите љубители на македонскиот ракомет веруваа дека ова е само прв натпревар, давајќи шанса на струмичани во следните натпревари да го поправат впечатокот.
Септември 2015 година
Месец во кој ракометарите на Макс Струмица одиграа дури 5 натпревари, на кои се виде вистинската слика за оваа екипа. После Војводина, на домашен терен ги пречекаа екипите на Татран Прешов и РК Вардар, натпревари во кои загубија очекувано и ги спуштија на земја струмичани. Но, тука не се застана. Веднаш потоа следуваа два тешки порази од екипите на Мешков Брест (19 гола разлика) и ППД Загреб (29 гола разлика). Но, и покрај сите овие тешки порази, најупорните изјавуваа дека струмичани изгубија очекувано од појаките екипи, дека шансата за добар резултат треба да се бара во дуелите со условно кажано послабите екипи. Таков меч требаше да биде оној на крајот од месецот, која Макс Струмица ја пречека екипата на Борац од Бања Лука, која дојде со 13 ракометари. Натпревар во кој сите очекуваа победа, донесе ново разочарување. Струмичани спасуваа глава и во последните секунди се изброија за реми 30:30.
После бурниот месец, на ракометарите им следуваше скоро месец дена пауза до следниот натпревар. Период во кој никој не презеде никакви промени, се со цел да се подобри играта на оваа екипа. Главниот впечатокот што го оставија после овие натпревари беше недостаток на добар тренер на клупата, што резултираше со неуиграност на екипата и многуте падови во текот на секој натпревар.
Октомври/Ноември 2015 година
Месеци во кои струмичани одиграа четири натпревари со “достојни“ противници, против кои ја бараа својата шанса за прва победа во ова натпреварување. Но, залудно. На сите четири натпревари повторно загуби. „Достоинствени“ порази од Спартак Војпут, Нексе и Борац, и повторно убедлив пораз од Татран Прешов (26 гола разлика). Резултати кои ја закопаа Макс Струмица на дното на табелата, воедно и згаснаа сите надежи за било каков позитивен резултат во остатокот од првенството. Почнаа и проблеми од типот на повредени играчи, што е разбирливо кога играш само со една постава толку натпревари. Истотака по сите овие порази се јавија финансиски проблеми, по што полека играчите почнаа да ја напуштааат екипата.
Декември 2015 година
Последниот месец од годинава, ракометарите на Макс Струмица десеткувани одиграа рутински уште 4 натпревари, кои очекувано ги загубија. Конечно на крајот од месецот излезе во јавност информација дека Макс Струмица доби ново раководство, од кое претседателот Сашко Брндевски уверува дека вратена е финансиската стабилност во клубот, и дека ќе се обидат да ги вратат дел од играчите кои си заминаа.
По сето ова, на наше големо разочарување, екипата на РК Макс Струмица ја прогласуваме за разочарување на годината, воедно и си го поставуваме прашањето:
Што ако наместо струмичани, екипата на Металург настапуваше во СЕХА лигата оваа година?
Од врвот до дното за само 7 месеци. Тоа е патот на ракометарите на Макс Струмица во 2015-та година. Било како било, МакРакомет на екипата на Макс Струмица и посакува многу успех во наредната година, да се вратат на победничките патеки. За доброто на сите е развој на ракометот во сите делови на Македонија, а не само во Скопје.