На крајот од минатата сезона, македонската јавност практично го „погреба“ тимот на Металург. Екипата ја напуштија повеќе од 16 играчи, и беше тешко за верување дека Металург (а богами и било кој друг европски ракометен клуб) би можел да се врати на старите патеки.

Но, Металург не би бил тоа што е, и не би ги постигнал сите тие успеси во изминативе сезони, ако не проба да ги демантира сите скептици. Прво успеа да обезбеди учество во ЛШ (преку вајлд карта), што во отсуство на натпревари во СЕХА лигата, беше пресудно да може да донесе одредени засилувања како основа на градење на респектабилен тим. Потоа Червар започна со она што најдобро го знае – да гради тим од нула. Го донесе Јанко Божовиќ, играч од А листата на десни бекови во Европа, го собра во првиот тим речиси се што е квалитетно во Македонија (костурот на исклучително талентираната генерација 1996-та), донесе неколку млади играчи со голем потенцијал, го донесе Дупјачанец, и тргна во авантурата наречена Лига на шампиони.

И таму не се посрамоти. Напротив, одигра машки, борбено, со свој концепт на игра, со своја филозофија и доколку имаше само малку среќа, само малку повеќе искуство, резултатот на крајот од полусезоната можеше да биде многу поинаков. Дури пет меча Металург ги загуби со 2 или помалку голови разлика и тоа се должи пред се на неискуството. На крајот, сепак настапите ги заврши на последното место во групата, што во ниту една варијанта не може да се смета за позитивен резултат.

Од друга страна, во домашното првенство Металург е супериорен. 14 победи на исто толку меча, со просечна разлика од 10 голови ја покажува доминацијата, но и фактот дека местото на Металург и сезонава беше во СЕХА лигата.

Најголемиот бенефит сезонава за Металург е создавањето на нови играчи. Пешевски, Талески, Кузмановски, Костески, Маџовски, Палевски, Мраковчиќ, Бувиниќ максимално ја искористија дадената шанса за настап во ЛШ и со силните противници, од натпревар во натпревар беа се подобри. Откритие на сезоната сепак е Дупјачанец, кој од комплетен анонимус, стана столбот на одбраната на Металург.

До крајот на сезоната Металург има јасна цел – второ место во Супер лигата (во ситуација кога Вардар е апсолутно супериорен) и раст на квалитетот, како на индивидуален план кај секој играч, така и на тимско ниво. Бидејќи токму селекцијата на млади играчи со која располага Металург е она што го издвојува од поголемиот број на клубови во регионот. Претходно споменатите играчи, заедно со Крстевски, Велковски, Томовски (кои очекуваме да добијат поголема шанса во пролетниот дел), како и со сега повредените Неловски и Фазлиќ треба да бидат основата на идниот Металург, кој веќе од наредната сезона треба да се бори за висок пласман во СЕХА лигата и добра настап на европска сцена. Предуслов за ова е добра финансиска конструкција, па затоа се надеваме дека шпекулациите за моменталните проблеми се комплетно неточни.

Екипата на МакРакомет на раководството, стручниот штаб и играчите им посакува многу успех во новата 2016-та, како наспортски така и на приватен план.