Елитното европско женско натпреварување – Лигата на шампионките веќе утре продолжува со натпреварите од втората фаза. Во оваа втора фаза, прва во овогодинешната 2016 година, нашиот првак ЖРК Вардар ги продолжува натпреварите со пренесени 4 бодови од групната фаза. Утрешниот противник на ЖРК Вардар, тимот на Букурешт во новоформираната група се наоѓа на второто место со 5 пренесени бодови, еден повеќе од ЖРК Вардар и се наоѓа зад актуелната екипа на Будуќност.
Во пресрет на овој прв натпревар во оваа нова година, тренерот Индира Кастратовиќ ги изнесе своите очекувања и видувања за овој натпревар.
Кастратовиќ: „Имавме доволно време да се подготвиме, да ги анализираме и мислам дека добро го познаваме Букурешт. Девојките се здрави и подготвени за оваа средба. Многу работиме овие денови на тоа да не изгориме во првите минути од мечот. Кога ќе ни дојдат емоциите и желбата за победа, текот на натпреварот може да се насочат на лошо. Мора мирно и квалитетно да го одработиме натпреварот во сите 60 минути. Таква е противничката екипа, ако сакаме триумф над нив мора постојано да играме во високо темпо. Имаат добри голмани, но добро за нас е што Јоргенсен е повредена и немаат левак на десната позиција. Ние со добра одбрана и квалитетни контра-напади можеме да победиме.“
Овој натпревар е закажан за утре со почеток во 17:30 часот, а ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“. Во групата 2, на почетокот од оваа втора фаза ќе се сретнат екипите на унгарски Ѓер и Будуќност, а ден потоа во меѓусебен дуел ќе се сретнат екипите на Митјиланд и Савехоф.